„Дојче Веле“: На Германија и требаат имигранти, недостига висококвалификуван кадар

214

Германија се соочува со недостиг на работна сила, особено во висококвалификуваниот сектор, а минатата година во земјава имало околу 570.000 непополнети работни позиции, пишува „Дојче веле“.

Министерот за труд, Хубертус Хајл, рече дека е загрижен дека до 2035 година на Германија ќе и недостигаат до седум милиони работници од сите квалификации.
Во Германија работат 11,5 милиони луѓе со мигрантско потекло, од кои речиси половина имаат и германски пасош.

Покрај тоа, половина милион луѓе со мигрантско потекло се во образовниот процес.

Податоците на германската Федерална агенција за вработување покажуваат дека во градежништвото и во областа на хигиената и одржувањето, околу 30 отсто од вработените имаат странски пасоши.

Во многу академски професии уделот на странски работници е веќе многу висок, а околу 14 отсто од лекарите немаат германско државјанство.

„Потребна ни е миграција“, вели експертот за пазарот на трудот Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на трудот и професионалните истражувања. Тој смета дека и доаѓањето на луѓе со ниски квалификации може да биде економски исплатливо. Поединечно, таквите мигранти се нето-приматели на државни бенефиции бидејќи не заработуваат доволно пензија и зависат од социјалните бенефиции во нивната старост, но нивната работа е важна за успехот на германските фирми.

Студиите покажуваат дека извозот во земјите на потекло на мигрантите се зголемува, а трансферот на знаење и иновациите исто така одат рака под рака со миграцијата.

Според студијата на Германскиот економски институт, 13 отсто од сите патенти во Германија биле поднесени од пронаоѓачи од странско потекло.

Во информациско-комуникациските технологии странците сочинуваат 23 отсто од вработените.

Научните студии покажуваат дека мигрантите во просек заработуваат помалку од Германците и имаат поголем ризик да останат привремено невработени и, како резултат на тоа, во просек имаат помали пензии.

„Главниот проблем не е миграцијата, туку премногу бенефиции за лицата со ниски примања и невработените“, вели експертот за пензии Бернд Рафелхушен од Универзитетот во Фрајбург.

Како што вели, бидејќи мигрантите во просек се помалку квалификувани, тие го влошуваат овој проблем, поради што економскиот биланс на миграцијата е негативен. Рафелхушен јасно дава до знаење дека не се залага за намалување на миграцијата, бидејќи како што тврди, Германија нема избор поради падот на наталитетот во последните 40 години. Тој се залага за внесување млади и образовани странци во земјата.

Според студијата на Организацијата за економска соработка и развој, повеќе од 35 отсто од имигрантите во 2020 година биле нискоквалификувани, додека уделот на висококвалификуваните луѓе бил помалку од 30 отсто и со тоа под просекот на ЕУ.