Претседателот на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска (РС) Милорад Додик вечерва изјави дека Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА) го прекршила законот со обидот да го уапси во Административниот центар во источно Сараево, бидејќи РС усвоила закон со кој се забранува таа полициска агенција да работи на нејзина територија.
„Ова е Република Српска, а СИПА го прекрши законот. Се чувствувам добро и безбедно. Немам намера да го напуштам овој објект под притисок“, рече Додик на прес-конференцијата во Административниот центар на РС во Источно Сараево.
Според него, вечерва пред зградата бил „братот на Кемал Адемовиќ, кој бил воен шеф на AID (Бошњачката воена разузнавачка служба) за време на војната.
„Ова не е територијата на која се спроведува власта на БиХ“, рече Додик.
Тој истакна дека СИПА „не може ништо“, додавајќи дека оние што мислат дека можат да ги исплашат припадниците на полицијата на РС се „обични будали“.
„Авторитетот е во РС, а не на ниво на БиХ. Рековме дека СИПА не може да работи на територијата на РС“, рече Додик.
Постапките на СИПА и одлуките на Судот на БиХ, кои се последица на одлуките наметнати од високиот претставник Кристијан Шмит, оцени Додик, можат само да доведат до исчезнување на БиХ и заминување на РС од таа држава.
Тој повтори дека е за дијалог, под услов да се повлечат сите одлуки наметнати од Шмит, вклучително и измените на Кривичниот законик на БиХ, врз основа на кои е осуден пред Судот на БиХ за неисполнување на одлуките на високиот претставник.
Министерот за внатрешни работи на РС, Синиша Каран изјави дека РС „е стабилно место за живеење и така ќе остане“.
„Граѓаните се мирни и спокојни. Мирот е приоритет во РС. МВР ќе ги извршува своите уставни должности“, рече тој.
Тој оцени дека најважна работа во одбраната на РС се нејзините институции.
„Триесет години РС е континуирано напаѓана. Тие се обидуваат да и го зададат последниот удар на БиХ, а тоа го прават Кристијан Шмит, неуставниот суд на БиХ и Обвинителството на БиХ“, заклучи Каран.
Додик е осомничен за напад на уставниот поредок на БиХ, а Судот на БиХ издаде централна потерница по него бидејќи не одговорил на поканата на Државното обвинителство за сослушување.
На сите полициски агенции во БиХ им беше наредено да го доведат Додик пред Судот на БиХ, кој му одреди притвор.
Покрај Додик, централна потерница е распишана и по премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на парламентот на РС Ненад Стевандиќ.