
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во Судот на Босна и Херцеговина во Сараево изјави дека Обвинителството на Босна и Херцеговина со покренување постапка против него ја нападнало институцијата претседател и институциите на РС.
Излагајќи го својот завршен говор во процесот во кој му се суди за неизвршување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Додик го обвини државното обвинителство дека го поткопува Уставот на РС, а со тоа и Уставот на БиХ, обидувајќи се, како што наведе, да ги легализира „незаконските одлуки“ на високиот претставник Кристијан Шмит.
„Тие (обвинителите) треба да бидат тука наместо мене“. „Јас овде ја претставувам Република Српска, но се прашувам кого застапува Обвинителството“, рече тој.
Тој и се обрати на судијката Сена Узуновиќ, велејќи дека веднаш може да го осуди на затворска казна и дека никогаш повеќе нема да се занимава со политика доколку му предочи само една одлука со која Кристијан Шмит би бил назначен за висок претставник.
Тој повтори дека Шмит не бил легално избран за висок претставник, бидејќи неговиот мандат не бил потврден од Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), додавајќи дека Советот за спроведување на мирот во БиХ (ПИК) нема овластување да именува висок претставник во БиХ.
Тој додаде дека за него би било понижувачки да „клекне пред странец“, нагласувајќи дека со потпишувањето на указот за објавување на законите донесени од Народното собрание на РС, кои Шмит потоа ги укина, тој само постапувал во согласност со Уставот.
Тој го нарече судскиот процес против него „класична злоупотреба“, додавајќи дека политичката борба оди до крај.
„Не се заканувам, но подготвен сум да одам до крај во политичката борба“, рече Додик.
Обвинителството на Босна и Херцеговина во завршниот збор побара претседателот на РС, Милорад Додик, како и вршителот на должноста официјален гласник на РС, Милош Лукиќ, да бидат осудени на затворски казни, да им биде забрането вршење јавна функција во траење од десет години и да престанат да ги извршуваат тековните должности.
Горан Бубиќ, адвокатот на Додик, побара претседателот на РС да биде ослободен, оценувајќи дека целта на судскиот процес е да се елиминира Додик од политичкиот живот и да се отвори патот за централизација на Босна и Херцеговина.
По завршните изјави на обвинителството и одбраната, судијата има рок од три дена да донесе пресуда.
Додик и Лукиќ се обвинети за неприменување на одлуките на високиот претставник, за што според Кривичниот законик на БиХ се заканува затворска казна од шест месеци до пет години, како и забрана за вршење јавни функции.