Доделени стотина хуманитарни пакети за ранливите семејства во Карпош

23

Во пресрет на велигденските празници, Одделението за детска, социјална и здравствена заштита при Општина Карпош, традиционално, ја организираше 33. хуманитарна акција „Да бидеме хумани за нашите соседи“. Во таа насока, својата солидарност ја покажаа најмладите карпошани од детските градинки и од основните училишта, кои заедно со хуманите граѓани, претставници од Советот и од општинската администрација донираа прехранбени и хигиенски производи за семејствата од Карпош што се наоѓаат во потешка материјална состојба.

Хуманитарните пакети ги додели градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

– Оваа акција ја спроведуваме традиционално, два пати во годината, за велигденските празници и по повод роденденот на Општината. Покрај другото, им помагаме на овие граѓани и со еднократна парична помош, еднаш напролет и еднаш наесен (на Денот на лицата со попреченост). Искрено се надевам и посакувам нашите сожители што се наоѓаат во социјален ризик, набрзо да ја надминат оваа состојба. И покрај тоа што ова е обврска на државата, ние, како локална самоуправа, не ги забораваме нашите сограѓани и ќе сториме сè што е во рамките на нашите можности – посочи Јакимовски.

Во рамките на акцијата беа поделени 115 хуманитарни пакети во урбаните заедници Карпош 2 и Влае 1, а дел од пакетите ќе бидат доставени до домовите на лицата што поради попреченост, не беа во можност сами да ги подигнат.

 

ИЗДВОЕНИ