Свечена церемонија на која беа доделени сертификати за завршена обука и компјутери на првата генерација учесници – децата без родители денеска се одржа во просториите на детскиот дом „11 Октомври“.
Обуката под наслов „Користење компјутери за безбедно учење на далечина“ ја посетуваа 27 штитеници на детскиот дом.
Овие млади луѓе, покрај стекнатите знаења и вештини за безбедно користење компјутери за учење на далечина, добија и по еден компјутер или лаптоп кои во иднина ќе им служат за натамошно учење и подготовка за самостоен живот.
По завршување на обуката, учесниците ќе продолжат со едногодишно изучување на англискиот јазик, кое ќе се одвива на далечина под водство на искусни наставници. Овој проект се реализира со поддршка на Sparkasse и амбасадорите на фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“.
Компјутерите и лаптопите кои ги добија децата се обезбедени како донација од неколку компании и физички лица за што изразуваме голема благодарност.
-Пресреќни сме што постојат луѓе како Александар кои искрено се грижат за децата без родители и го прават на дело она што зборуваат. Нашите штитенци добија многу повеќе од компјутери, тие добија одлична шанса за подобра иднина – изјави Розетка Влаховиќ, в.д. директор на детскиот дом „11 Октомври“.
Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ истакна дека настанот е доказ оти постојат голем број хумани луѓе и организации кои помогнаа една идеја да се претвори во реалност.
-Со нивна помош ја започнуваме трансформацијата на Македонија во пристојно место за живеење, почнувајќи од децата без родители на кои ќе им обезбедуваме компјутери, обуки и ментори – изјави Марјановиќ.