Доделени решенија за финансиска поддршка на спортисти

18

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски и оваа година, во просториите на Домот на културата додели решенија за еднократна финансиска поддршка на спортисти кои се жители на оваа општина.

-Продолжува поддршката за спортистите од нашата општина и во иднина, а целта е да се наградат тие кои оствариле големи успеси во делот на спортот, како и да се стимулираат останатите за постигнување големи победи на спортските натпревари – изјави Георгиевски.

Тој додаде дека оваа мерка содржи повеќе категории, а износот кој го доделува Општината како финансиска поддршка изнесува, за прва категорија – 130.000 денари, втора категорија – 120.000 денари, трета категорија – 90.000 денари, четврта категорија – 60.000 денари и петта категорија -30.000 денари, додека за младинските категории, 50% од предвидените суми.

Општина Илинден покрај поддршката на спортистите од овој вид на субвенционирање, преку Програмата за спорт финансиски ги поддржува и спортските клубовите на нејзина територија. Исто така, вложува во обезбедување на одлични и најсовремени услови во спортската инфраструктура со реконструкција на постоечките и изградба на нови терени, овозможува бесплатно користење на спортските објекти, а поддржува и многу спортски настани кои се одржуваат во општината, но и надвор од неа.