Од опасната игра која што во изминативе денови се прошири во скопски и други училиште во земјава се повредија 11 ученици. Министерката за образование вчера ги повика средношколците да се насочат на натпревари во образованието и науката. Психолозите, пак, укажуваат дека прво треба да се дознае кој е мотивот на младите да се изложуваат на ваквите опасности. |
Вкупно единаесет ученици од скопски училишта до вчера биле примени во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ откако се здобиле со потешки и полесни повреди со играњето на предизвикот „Супермен“ преку социјална мрежа Тик-ток. Директорот на Клиниката Небојша Настов изјави се работи за децата на возраст од 10 до 16 години и сите се од Скопје. По дијагностиката, сите се пуштени на домашно лекување, од кои две биле со скршеници на рацете
Во предизвикот дете со крената рака како Супермен се затрчува кон група која има испружено раце и откако ќе го фатат детето го фрлаат во воздух. Другите деца се тргаат настрана, а очекувањата се дека Супермен ќе „летне“, па на крајот ќе се спушти и ќе застане на нозе. Но, во почести случаи детето паѓа наземи и се здобива со повреди.
Докторот Настов вели дека децата што биле во болницата му дале исто објаснување.
-Се испружуваат рацете како ликот Супермен. Групата го фаќа и го фрла предизвиканото момче или девојче во висина. Тоа е од она што мене ми објаснувале. Не сум видел и не можам да кажам точно. Има и машки и женски, деца, додаде Настов.
Сето ова е резултат на играњето на опасната игра, а што деновиве масовно се рашири по скопски но и други основни и средни училишта во земјава. Откако зачестија повредите кај учениците во голем дел од училиштата се мобилизираа управите и наставниците кои почнаа да им објаснуваат на учениците дека се изложуваат на опасностите. Во едно основно училиште на подрачјето на скопската општина Ѓорче Петров се дојде до поразително сознание дека во класот со 25 ученици само нив 4 не учествувале во „предизвикот“ што го играле сите останати соученици.
Врзано за опасната игра министерката за образование Весна Јаневска вчера ги повика средношколците да се насочат на натпревари во образованието и науката.
-Ги повикувам средношколците наместо да имаат Тик Ток натпревари да се насочат на натпревари во образование и науката. Телефоните во училиштата можеме и да ги забраниме, но тие ќе им бидат достапни дома, во маало и во други средини. Децата треба предизвици да прифаќаат во образование и наука, а нивните родители, заедно со училиштето, д аги насочат кон тоа, потенцира Јаневска.
Психолозите, пак, укажуваат дека прво треба да се дознае кој е мотивот на младите да се изложувата на ваквите опасности.
-За да одговориме точно зошто ова се случува меѓу малдите потребно е МОН или државата да направат истражување меѓу учениците за да се дозане причината. Вака, ќе се остане само на мислењата на нас постарите. Треба да ги вклучиме младите во истражувањата за да дојдеме до начинот на кој би ја превенирале ваквата појава. Со ваквото гледање од страна нема да помогнеме. Би рекла дека тоа нивна желба да бидат во тек, да бидат „In“ со нешто што е популарно. Но, притоа, недостасува свеста дека не се води сметка за себеси, за сопственото здравје, дека се некритични кон себе си и опасностите во кои што навлегуваат. Мене ми е нејјасна таа желба да се впуштаат во предизвикот во кој некој може да настрада, да се повреди… Кое е тоа чувство кога ќе видиш дека некој се повредил, потенцира таа.
Според неа, децата мора да се учат да бидат покритични кон вакви игри кои се појавуваат на интернетот.
-Мора да им ги објаснуваме опасностите. Забраната на интернетот, на Тик Токот не е решение, оти социјални мрежи и интернетот имаат и добри страни. Проблемот е што кај децата не е доволно развиено чувството да ја разликуваат реалноста од фантазијата како што е случај кај возрасните. На децата, ние возрасните, треба да им објаснуваме дека во вируелната реалност, во видео игрите може и по сто пати да умреш и да се повратиш во живот но во реалноста, во реалниот живот само еднаш се умира, наведува Јовановска за Вечер.
Ова не е за првпат преку оваа или други социјални мрежи да се прошират опасните предизвици кои почнувата да ги прават учениците во Скопје и други македонски градови. Пред две години во главниот град на државата се објавија информациите дека меѓу средношколците се проширил нов предизвик преку мрежата Тик Ток. Со него, децата легнувале на сред прометни улици при што натпреварот бил кој може повеќе да издржи да лежи до доаѓањето на некое возило. Во септември наставничка од скопско основно училиште предупреди дека и во Македонија меѓу учениците масовно се шири опасен Тик ток предизвик – онесвестување. Со него, децата си ги стискаат дијафрагмите сè додека не се онесвестат. Некогаш тоа го правеле еден на друг, некогаш сами.
-Но, имало случај кога дете останало онесвестено подолго време па морале да го прскаат со вода и да повикаат некој да им помогне, раскажа тогаш наставничката.
Во 2018 година во основци во скопското основно училиште „Ѓорѓија Пулевски“ низ прозорец од приземјето на школото фрлиле една своја соученичка откако ја играле игра во која носеле ученик до прозорец и тој сам скокал преку рамката во дворот. Во една ваква прилика ученичката се здобила со повреди откако не успеала да се задржи на нозе. (Б.Ѓ.)