Од коалицијата Вреди, која е дел од владиното мнозинство, порачуваат дека ја прифаќаат промената на државниот грб бидејќи тој, како и химната, не ја одразува реалноста. Оттаму се подготвени за разговори за евентуален поширок пакет на уставни измени кои ќе вклучуваат и прашањата за бришење на уставната формулација за употребата на албанскиот јазик. Во Владата, портпаролката Марија Митева, изјави дека прашањето е „штотуку отворено во јавноста“. Хералдичарите сметаат дека актуелниот грб е „зрел за промена“, но само со некое подобро решение. Опозициските социјалдемократи се категорично против промената, само ЛДП излезе со конкретен предлог – нов грб во кој главен мотив е балканскиот рис

 

Државниот грб на Македонија, кој е официјално обележје веќе 79 години, е зрел за менување со некои подобри хералдички решенија, но договарањето на неговата промена повлекува и барање за промена на државната химна и други уставни измени. Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека во владината коалиција е отворено прашањето на промената на државниот постсоцијалистички грб вчера предизвика бран на реакции. Експертите по хералдиката изјавуваат дека актуелниот грб направен во манирот на социјалистичка хералдика во 1946 година и од кого пред шеснаесет години беше тргната петокраката е „зрел за промени“. Дел од опозициските партии на ова категорично се спротивставуваат, а дел даваат и свои предлози. Од коалицијата Вреди, која е дел од владиното мнозинство, соопштуваат дека се подготвени за разговор не само за грбот туку и за химната и за други уставни одредби.

-Неспорно е дека актуелниот државен грб сè уште се базира на елементите на поранешниот социјалистички систем, исто како што и актуелната државна химна не ја одразува реалноста. Коалицијата Вреди е подготвена за разговори за евентуален поширок пакет на уставни измени кои ќе вклучуваат и прашањата за бришење на недостоинствената уставна формулација за употребата на албанскиот јазик и амандман за спречување застареност на кривични дела сторени со политичка корупција – соопштија од оваа коалиција за весникот ВЕЧЕР.

И Билал Касами, лидер на Беса, која е дел од оваа коалиција, вчера во Тетово изјави дека ги поддржува сите промени на државните симболи поврзани со социјализмот.

– Јас сум кажал дека и една од целите за именување на улиците во градот Тетово беше тоа што уште стои наследството од минатиот систем, што е и образложението на премиерот во делот на менување на грбот на државата. Ние сме подготвени да разговараме за еден пакет на уставни измени, каде што наместо наследството од претходниот систем ќе рефлектира сегашното ориентирање на државата кон Европската Унија. Ние сме подготвени да разговараме сигурно дека тоа ќе биде и јавен транспарентен процес – изјави Касами.

Во Владата, портпаролката Марија Митева ни изјави дека прашањето е „штотуку отворено во јавноста“.

-Ова прашање штотуку се отвори во јавноста. Со оглед на фактот што не се донесени никакви решенија во овој момент не цениме дека треба да се констатираат било какви состојби – изјави таа за ВЕЧЕР.

Не е познато дали на маса е графичкото решение за нов грб, предложено во 2014 година, или ќе се оди на нов изглед на грбот. Не е познато ниту дали промената ќе ја зафати и државната химна или, пак, некои други одредби во Уставот. Во ставовите на Вреди не се наведува евентуалната уставна промена со цел да се внесат Бугарите во македонскиот Устав, а со што би се исполнил условот за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Прашањето е, исто така, дали менувањето на грбот ќе повлече и промена на личните документи на граѓаните?

Познатиот македонски хералдичар Јован Јоновски, за весникот ВЕЧЕР вели дека варијантата на грбот предложена пред 11 години ги исполнуваше сите хералдички стандарди за вакво обележје. Решението кое тогаш го договараа тогашниот премиер Никола Груевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како партнери во Владата, предвидуваше црвен лав на златно-жолта заднина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина.

-Актуелниот грб, чиј автор е Василије Поповиќ-Цицо, тогашен сценограф во МНТ и ликовен уметник, е зрел за промена. Тој е израз на социјалистичка хералдика која, во принцип, не е хералдика. Само ние и Белорусија имаме такви грбови, со тоа што тие ги отстранија српот и чеканот, а ние петокраката. Потребна е промена на грбот, но под услов да се најде подобро решение. Предлогот од 2014 година, зад кој стојам јас, кој претставува еден историски грб на Македонија кој е малку модифициран, е издржано решение. Тоа беше и прифатливо во тој период, го прифатија и владините партнери, како и историчарите и други експерти поврзани со хералдиката. Но, потоа се случи аферата со  „бомбите“ и процесот запре – вели Јоновски за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека сега треба да се види дали на маса е ова или ќе се бара ново графичко решение.

-Предлогот е тука и за него повторно може да се збори. Тоа е решение и грб кој во средновековниот период му се припишувал на Александар Македонски и потоа се однесувал на Македонија. Ако се бара нов грб, потребно е да се слушне мислењето на хералдичарите бидејќи се бара и стручност и занает. Сугестии од политичарите секогаш ќе има и ќе речете дека тие ќе бараат на грбот да се препознаат народи кои живеат во Македонија. Но, на грбот не можете да стават некакви елементи по кои се препознаваат народи бидејќи тој е обележје на државата. Во грбот на поранешната СФРЈ имаше шест факли, како симболи на шест народи. Во верзијата на грбот од 2024 година има пет кули кои може да значат пет народи наведени во нашиот Устав. Работата е, значи, во прикаската што значи одреден симбол – објаснува Јоновски.

Опозициската партија ЛДП не се спротивставува на промената на државниот грб и вчера дури предложи конкретно решение – поставување на рисот на новиот грб, како препознатлив вид, карактеристичен токму за нашата држава. Потсетуваат дека рисот како симбол се наоѓа на металната петденарка, се најде на националниот фудбалски дрес, но и на уште многу други места и е заштитен со голем број меѓународни конвенции. Од ЛДП велат дека доколку се постави рисот, се покажува поглед кон иднината наместо „враќање назад и гледање во минатото“.

– Предлагаме општоприфатливо решение. Рисот е симбол кој со ништо нема да потсетува на која било соседна држава и да создаде проблеми. Прифатлива е само уникатност, посебност, новина, свежина, иднина и заштита на своето – како што е балканскиот рис, кој потекнува од Шар Планина, е ретко и заштитено животно, и е еден од нашите национални државни симболи. Тоа мора да биде и решение, кое ќе ги задоволи сите граѓани на Македонија, без разлика на националната, етничката, партиска, верска или која било друга припадност – соопшти оваа партија.

Партијата Македонски Концепт, дел од владиното мнозинство, дава цврста поддршка на иницијативата за усвојување на нов македонски грб.

-Време е Македонија да добие симбол што го отсликува нејзиниот идентитет, без компромиси и без остатоци од минати идеолошки влијанија. Ни треба грб на Македонија, а не грб на социјализмот, капитализмот, комунизмот, монархизмот или кое било друго идеолошко движење – наведуваат во партиското соопштение. (Б.Ѓ.)

СДСМ: Со сите демократски средства ќе се спротивставиме на промената

Ако има иницијатива за промена на државниот грб со сите демократски средства најостро ќе се спротивставиме на промена на државниот грб, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања на вчерашната прес-конференција. Најголемата опозициска партија смета дека разговорите за промена на државниот грб е еден од низата неиспланирани предлози на ВМРО-ДПМНЕ. Како што вели претседателот на партијата, Венко Филипче, предлогот беше на маса за време на владеењето на претходната Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

-Тогаш беше дел од пакет-мерките којшто требаше да се донесе. Конкретно, сметам дека првата дилема што се поставува е дали во коалицијата со ВЛЕН, освен за овој предлог, ќе се разговара и за измена на химната? Тоа е нешто на што ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори. Сметаме дека државниот грб сосема соодветно ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје, јасен е континуитетот на НОБ и антифашистичка војна. Нема никаква поделба во однос на етнички групи – потенцира Филипче.

 

ИЗДВОЕНИ