Одлука за разидување или натамошно останување во коалицијата Вреди се очекуваше вчера попладне на своето партиско собрание да ја донесе крилото на Алијанса за Албанците предвидено од министерот за здравство Арбен Таравари. Неговите поддржувачи денеска во Гостивар го почнаа заседанието зад затворени врати и без присуството ма медиумите. Најавено беше само дека по завршувањето на заседанието Таравари ќе информира за донесените одлуки. До ова доаѓа откако во редовите на коалицијата Вреди, која е дел од владиното мнозинство дојде до разидувања на Демократското движење, Беса и на Алтернатива со АА на Таравари. Причина за ова е ставот на Таравари дека на локалните избори овие четири партии треба да излезат со посебни листи за општински советници. Но, освен ова Таравари соопшти дека постојат многу недостатоци во функционирањето на коалицијата Вреди.
-Јас мислам дека имаме многу недостатоци. Тоа не е толку до премиерот Мицкоски, колку што е до нас. Постои некаква неусогласеност што се гледа од 100 километри, дека многу бавно функционираме. Впечаток е на народот, што е најлошо за нас, дека Вреди има многу слаба позиција во Владата. Само што направив три анкети, кај Албанци генерално анкетирани. Впечатокот на околу 70 отсто од населението Албанци е дека Вреди не функционира добро, не е задоволувачко претставувањето на Албанците во Владата – изјави неодамна министерот за здравство додавајќи дека „постојат канализ акомуникација со ДУИ“.
Тоа веднаш предизвика реакции кај партнерите кои категорично ги отфрлија тврдењата на на лидерот на дел од Алијанска за Албанците. Напоредо со ова, медиумите деновиве информираат за продлабочувањето на јазот во редовите на оваа коалиција. Телевизијата 21 завчера објави дека лидерите Изет Меџити, Билал Касами и Зеќирија Ибрахими сериозно размислуваат за дистанцирање од крилото на Таравари.
-Има предлози Вреди да донесе одлука АА да си замине од коалицијата и да му се предложи на премиерот да ја отстрани партијата од Владата. Се очекува сето ова да се потврди во следните 10 дена – наведе овој медиум.
Врзано со ова, премиерот Христијан Мицкоски вчера во Тетово изјави дека „Владата функционира обединето и единствено“. Тој рече дека во јавноста има многу информации околу Таравари и Вреди дека тој би се воздржал од било какви коментари.
-Само би кажал дека Владата функционира обединето, единствено. Оваа Влада би рекол има, неофицијално чиста двотретинска поддршка во рамките на македонското Собрание, реално 78 пратеника ја поддржуваат, така што за разлика од минатото кога секој ден на стаклени нозе висеше мнозинството, овој пат тоа е стабилно и треба да ја оставиме владата да работи – рече Мицкоски.
Од друга страна, неофицијални информации наведуваат дека веќе започнале контактите меѓу опозициската ДУИ и Арбен Таравари кој истакнал дека на локалните избори е заинтересиран за општините Гостивар, Боговиње, Врапчиште, Сарај, но и Струга. Информациите дека контакти меѓу овие страни постојат се подгрејаа и по средбата на албанскиот претседател Бајрам Бегај кој во петокот во истот ден на одвоени средби се сретнал со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со лидерот на АА Арбен Таравари. Претходно, Бегај имаше средба со лидерите на останати три партии од коалицијата Вреди, без учество на Таравари.
Но, од друга страна, лидерот на „интегративците“ Ахмети по средбата изјави дека со Арбен Таравари нема договор и дека проблемите во Вреди се нивна внатрешна работа.
– Сами одлучуваат за својата иднина, дали сакаат да бидат сервис и слуга на оние што ги газат правата на Албанците. Нека останат таму каде што се. Јас им упатив јавна покана на Вреди да ги напуштат институциите затоа што ние не сме резервна гума, да си одат тие и да ги замениме ние. ДУИ не може да се користи како сервис во рацете на Христијан Мицкоски или во рацете на секој што мисли Албанците да ги претвори во вазал. Ако некој е регрутиран и ако некој е навикнат да биде нечиј вазал, ДУИ не доаѓа од телевизиските екрани како политичка сила, туку произлезе од една војна и отпор за изедначување на Албанците во својата земја – потенцираше Ахмети.
Тој ги обвини „Вреди“ за деградирање на положбата на Албанците во Македонија на ниво како пред војната во 2001 година.
– Можам да зборувам од она што го гледам, дека албанското прашање е деградирано и дека албанското мислење во Македонија е дека Албанците се во ситуација како пред 2001 година. Од тоа што го гледам, Албанците изгубија многу важни позиции во државата и нашите сограѓани Македонци не треба да се гордеат што успеаја да ги поразат Албанците институционално, затоа што секој пораз на Албанците предизвикува нови ситуации во државата. Албанците не се потстанари во својата земја, туку живеат во своја земја и сакаат да владеат заедно со своите сограѓани Македонци – изјави Ахмети. (Б.Ѓ.)
Мицкоски: ДУИ да џогира на скопско Водно, можеби ќе им се разбистри умот
-Колку повеќе функционери на ДУИ се фатени во криминал толку повеќе ќе ја заоструваат оваа реторика бидејќи стравот им е голем. Ние работиме неселективно и така ќе продолжиме. Помина таков вид на поделби. Тие се исплашени бидејќи гледаат дека кривично ќе одговараат и ќе продолжат да наметнуваат вакви теми. Би ги повикал да се вратат на оние платформи од пред неколку години, на онаа „Зелена агенда“ кога џогираа на скопско Водно. Можеби при таков еден џогинг ќе им се разбистри умот и ќе дадат некоја квалитетна идеја – одговори Мицкоски на новинарското прашање за коментар за изјавата на Али Ахмети дека „положбата на Албанците е деградирана на ниво пред 2001 година“.