ДОДЕКА СЕ ЧЕКА ДА СЕ РЕШИ СТАТУСОТ НА АЛИЈАНСА НА ТАРАВАРИ, ВРЕДИ ТВРДИ:Ахмети предизвикува криза, очајно му треба Пржинска влада!

52

Определбата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е да предизвика политичка криза која би резултирала со предвремени парламентарни заедно со локалните избори, обвини вчера коалицијата Вреди. Од коалицијата, која е дел од владиното мнозинство и која деновиве остана без крилото на Алијанса за Албанците, предводено од Арбен Таравари, во соопштението наведуваат дека Ахмети сака да избегне пораз на локални избори.

-Нему очајно му треба „Пржинска Влада”, во која преку МВР со кое би раководела опозицијата, би се направило сè за да се уништат доказите против поранешните корумпирани кадри на ДУИ. Затоа, не сакаат само локални избори, бидејќи влегуваат во сигурен катастрофален пораз, велат од Вреди.

Ваквото обвинување доаѓа во ситуација кога од оваа коалиција упатуваат сериозни обвинувања кон Таравари дека во пресрет на локалните избори соработува со ДУИ и дека поради тоа веќе не може да биде дел од Владата. Министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити, вчера, изјави дека очекува министерот за здравство Таравари како што ја напушти коалицијата „Вреди“ за претстојните локални избори, да ја напушти и Владата. Меџити вели дека синоќа имале седница на Владата, на која, покрај за реализација на програмите и проектите, разговарале и за политичката ситуација.

– Вреди нема никакви дилеми, продолжува во таа насока за што и ги побара тие 107 илјади гласа како победник во албанскиот кампус. Како што ветивме – донесовме промена, ротација, плурализам и демократија во албанскиот кампус. Ние стоиме цврсто на тој пат. Тука е проблем господинот Таравари. Ние одлучивме дека Вреди ќе биде едно, ќе се стопат сите политички партии во Вреди оти тоа го бараат нашите гласачи. Второ, одлучивме дека и соработка со ДУИ и останување во Вреди не е можно и мислам дека и соработка со ДУИ и дел од Владата не штима, не оди. Тоа е нашиот политички став, ист ќе биде и на 29 април и на 1 мај. Нема логика да се соработува со ДУИ и да се биде дел од Владата – рече Меџити.

Според него, Таравари треба да се определи. Има легитимно право да соработува со ДУИ, но треба да не се срами, да го објави тоа и да премине во тој табор.

Меџити не одговори конкретно на прашањето дали од премиерот Христијан Мицкоски ќе побара Таравари да ја напушти Владата, но потврди дека е можна средба меѓу нив, на која, без разлика на кој датум ќе се одржи, политичкиот став на Вреди ќе биде ист. Инаку, спојувањето на партиите што сега се дел од оваа коалиција е во тек при што претседателството ќе има 23 члена.

Од друга страна, вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој како кадар од таборот на Арбен Таравари, вчера оцени дека едното крило на Алијансата за Албанците со петтемина пратеници е клучен фактор за стабилноста на Владата.

– Сметам дека нема простор за еднострани потези од ниту една партија и дека мора да размислуваме во однос на стабилноста на оваа влада. АА со своите 5 пратеници е клучна за стабилноста на овој владин состав – изјави тој Фетаи.

Тој појаснил дека премиерот Христијан Мицкоски ќе има одвоена средба со коалициските партнери, односно посебно со Алијанса на Таравари, со Вреди и со ЗНАМ.

„Има секојдневни контакти со премиерот Мицкоски и со коалициските партнери. Некои од нас го кажаа тоа, јас велам дека соработката продолжува во Владата. Вчера имавме владина седница на која не беше покрената ниту една загриженост. Така што продолжуваме да работиме, како ништо да не се случило и верувам дека ги видовте пишувањата на медиумите дека во наредните денови ќе има консултации меѓу премиерот и коалициските партии. Засега ништо не е променето, освен консултациите кои се очекуваат да се случат – истакна Фетаи.

Во јавноста постојат мислења според кои еден од патиштата до предвремените парламентарни избори води преку „разнишувањето“ на Владата со излегувањето на партијата на Таравари. Но, политичките аналитичари сметаат дека владејачкото мнозинство е сигурно.

-Предвремени избори во Македонија секако нe се можни и нема да има, секако владејачкото мнозинство е сигурно без разлика на улогата на Таравари и излегувањето од коалицијата. Сметам дека Таравари прави огромна грешка, но исто така е очигледно дека Ахмети го држи во рака за нешто и заради тоа ја напушта коалицијата. На локалните избори и ДУИ и Таравари ќе добијат таква лекција од граѓаните што нема никогаш повеќе да се вратат на власт, на овој народ му е преку глава од дворски игри и од криминални лица. ДУИ веќе иде во заборав, а зошто Таравaри иде во тој правец ќе покажат локалните избори – вели аналитичарот Синиша Пекевски за весникот ВЕЧЕР. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ