Израелската војска не објави детали за нападите утринава, но палестинските здравствени власти и сведоците со кои контактираше „Ројтерс“ објавија штета во бројни области на Газа, каде што стотици илјади луѓе живеат во импровизирани засолништа или оштетени згради. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека ѝ дал инструкции на војската да преземе „силна акција“ против Хамас поддржан од Иран, како одговор на одбивањето на исламистичката група да ги ослободи сите преостанати заложници и нејзиното отфрлање на новите предлози за прекин на огнот. Роднините на израелските заложници во Газа побараа од Нетанјаху „да престане да ги убива“ нивните блиски.
Заврши повеќенеделното примирје во Газа. Додека се прават обиди да се запре жариштето во Украина, се распламти старото на Блискиот Исток.
Израелската војска извести дека рано утринава погодила цели низ Газа. Палестинското министерство за здравство објави дека има повеќе од 320 жртви. Официјални лица од тоа министерство, кое е под контрола на Хамас, велат дека многу од жртвите се деца. Пријавени се напади на повеќе локации меѓу кои северна Газа и градовите Газа, Деир ал-Балах, како и Кан Јунис и Рафах во централниот и јужниот дел на Појасот Газа.
Израелската војска, која соопшти дека погодила десетици цели, рече дека нападите ќе траат онолку колку што е потребно. Израел изврши смртоносни воздушни напади не само во Појасот Газа, туку и во Либан и јужна Сирија и објасни дека тоа се целни напади против екстремисти кои планираат терористички напади. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека ѝ дал инструкции на војската да преземе „силна акција“ против Хамас, поддржан од Иран, како одговор на одбивањето на исламистичката група да ги ослободи сите преостанати заложници и нејзиното отфрлање на новите предлози за прекин на огнот. Тој го обвини Хамас дека упорно одбива да ги ослободи заложниците и ги отфрла предлозите на пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
-Израел отсега ќе дејствува против Хамас со сè поголема воена сила, стои во израелското соопштение.
Хамас, пак, соопшти дека Израел го поништил договорот за прекин на огнот, оставајќи ја неизвесна судбината на 59-те заложници, кои сè уште се држат во Газа.
Портпаролот на Белата куќа во Вашингтон информира дека Израел се консултирал со американската администрација пред да ги изврши нападите, за кои војската вели дека биле насочени кон командантите и раководството на Хамас од средно ниво, како и кон инфраструктурата што ѝ припаѓа на милитантната група.
Додека Израел со поддршка на САД инсистираше за ослободување на преостанатите заложници во Газа во замена за подолгорочен прекин на огнот што ќе ги запре борбите до крајот на светиот муслимански месец Рамазан и еврејскиот празник Пасха во април, Хамас побара преговорите да се фокусираат на траен крај на војната и целосно повлекување на израелските сили од Газа, во согласност со одредбите од првичниот договор за прекин на огнот.
-Бараме посредниците да ги сметаат Нетанјаху и ционистичката окупација целосно одговорни за прекршување и поништување на договорот, се изјасни Хамас.
Израелската војска не објави детали за вчерашните напади, но палестинските здравствени власти и сведоците со кои контактираше „Ројтерс“ објавија штета во бројни области на Газа, каде штом стотици илјади луѓе живеат во импровизирани засолништа или оштетени згради.
Реагираа и роднините на заложниците во Газа. Веднаш по нападите врз Појасот Газа, Форумот на семејствата на заложниците, најголемото здружение на роднини на израелските заложници, упати апел до Нетанјаху „да престане да ги убива“ нивните блиски.
-Семејствата на заложниците сакаат средба со премиерот, министерот за одбрана и шефот на преговарачкиот тим, каде ќе ги уверат дека заложниците ќе бидат заштитени од воен притисок и дека се планира да бидат вратени. Престанете да ги убивате … веднаш!, се наведува во соопштението на Форумот.
Конфликтот траеше 15 месеци, од 7 октомври 2023 година, кога илјадници вооружени лица предводени од Хамас ги нападнаа израелските заедници околу Појасот Газа, при што според израелските податоци се убиени 1.200 луѓе и земени 251 заложник. Одговорот на израелската војска резултираше со смрт на повеќе од 48.000 луѓе и уништена инфраструктура на енклавата.