Премиерот Христијан Мицкоски рече дека доцни повратот на ДДВ на фирмите и најави дека исплатата ќе започне по завршување на контролите што се прават за да не се повторат случаи со исплати на фантом фирми.
Тој истакна дека нема проблем со буџетот и оти исплатите ќе се вршат по строга контрола и во рамките на законскиот рок.
– Нема проблем со буџетот. Тој е во многу подобра состојба отколку што го наследивме. Досега, на фантом фирми се исплаќани милиони евра поврат на ДДВ, а потоа истите фирми се отуѓувани на граѓани од една од околните земји кои не постојат. Потоа тие фирми згаснуваат, а буџетот се празнел со десетици милиони евра. Повеќе нема да се исплаќаат на такви фантом фирми поврати на ДДВ. Ќе се исплаќаат откако ќе подлежат на строга контрола и во рамките на законскиот рок – изјави Мицкоски.
Според него, ќе се имплементира системот е-фактура, кој требаше да се имплементира уште пред седум години.
Премиерот потврди дека на денешната седница на Владата биле ставени одлуките за укинување на лиценците за онлајн казината, посочувајќи дека со тоа ќе се реализира предизборното ветување.
– Да, тоа што беше предизборно ветување, денеска ќе се реализира. Оние лиценци што се незаконски според нас, а и според начелното правно мислење што го добивме од ресорот, ќе бидат одземени – рече Мицкоски.