Доброволното противпожарно друштво – Кочани го прошири возниот парк со уште едно возило, специјализирано за гасење шумски пожари. Станува збор за половно навално противпожарно возило од марката „ман“ кое има погон на сите четири тркала и автоматски менувач, специјализирано за гасење на шумски пожари кое ќе биде користено за подобрување на заштитата од елементарни непогоди во општина Кочани и околните места.
– По поминати повеќе од пет илјади километри, низ шест држави, стигнавме со ново противпожарно возило. Станува збор за специјализирано возило за гасење шумски пожари, теренец со погон на сите четири тркала, со носивост од четири илјади литри вода и екипаж од четири пожарникари. Сето ова немаше да биде реалност без компанијата „Антура” и нејзиниот менаџерски тим. Благодарност и до Општина Кочани која ни отстапи едно од службените возила со кое заминавме на пат за Белгија – истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.
Во моментот ДПД – Кочани располага со пет возила.
– Комбе, навален камион, камион цистерна, АТВ четирициклот и сега возилото специјализирано за шумски пожари. Друштвото во моментот работи на реализација на неколку проекти, а приоритет е доопремувањето на АТВ возилото со резервоар и пумпа за вода, а ќе треба да се направат ситни прилагодувања и на новиот камион, бидејќи е направен за белгиски стандарди – додаде Илијев.