Европската Унија не може да даде гаранции дека по спроведувањето на уставните измени, Македонија нема да се соочи со нови пречки на патот кон членството, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос, со што го поткрепи ставот на официјална Софија и последната изјава на бугарскиот шеф на дипломатијата, Георг Георгиев, кој порача дека уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот како државотворен народ не е единствениот услов, како и ставувањата во Македонија дека и во случај на напредок, секогаш постои можност за нови блокади поврзани со билатерални прашања околу идентитетот, јазикот или историјата.
-Никој не може да ѝ даде гаранции на Македонија ако сега го смени Уставот, дека повеќе нема да има пречки на европскиот пат. Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по сето она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис, рече Кос во интервјуто за ЕНР, од која дел е и МИА.
Кос на средби во Софија, па на линија со Скопје
Еврокомесарката уверува дека ова не значи дека ЕК не работи на тоа да ѝ помогне на земјава да ги започне преговорите по кластери, потенцирајќи дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија и дека заминува за Софија на средби со сите бугарски политичари, а потоа ќе контактира и со политичарите во земјава.
– Најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во пристапниот процес. Тоа не значи дека билатералните прашања не се важни. Знаете, можам да разберам дека Унгарија се бори за своето малцинство (во Украина). Можам да разберам дека и Бугарија го прави истото, но лошо е кога ова навистина се меша со процесот на пристапување, рече Кос.
Таа изрази надеж дека наскоро ќе се најде решение за деблокада на пристапниот процес на земјава и дека откако ќе се случи тоа ќе може без никакви нови услови да започнат преговорите по кластери.
– Затоа ние порачуваме, ве молиме направете ги реформите и бидете подготвени да го отвориме првиот кластер, рече еврокомесарката за проширување и истакна дека целосно ја разбира фрустрацијата на луѓето во земјава.
Проширување по заслуги, но со нова динамика
Таа потенцира дека иако има нова динамика во процесот на проширување, сепак тој останува заснован на заслуги, но она што сега позитивно влијае врз него е тоа што има нова визија на Европската Унија за забрзување на пристапувањето.
– Од друга страна, ние исто така, особено преку Планот за раст, се соочуваме се еден вид притисок од колегите, особено во Западниот Балкан. И тогаш имаме разлики. На пример, знаете Албанија беше заедно со Македонија. Сега, по раздвојувањето, Албанија направи навистина добар напредок. Но, зад себе нема да оставиме ниту една земја. Ние сме силно посветени сите да ги внесеме во Европската Унија. Но, секако, ќе се држиме до заслугите и ќе видиме. Ние навистина сме силно вклучени во билатералните прашања, кои таму (на Западниот Балкан) ги има доста, потенцира Кос во интервјуто за ЕНР.
Македонија шампион на Планот за раст
Кос рече дека Македонија е шампион кога се работи за Планот на Европската комисија за раст на Западен Балкан, што навистина добро функционира и таа прва ги доби средствата за предфинансирање.
– Во тој поглед, не треба да се грижите за Северна Македонија. Таа навистина е на добар пат, нагласи Кос и додаде дека интересна ќе биде следната фаза кога врз основа на добиените извештаи за спроведените реформи ќе зависат идните исплати.
Еврокомесарката најави дека во јуни ќе ја посети Македонија, за кога се најавува и дека ќе се одржи Самитот за Планот за раст на Западниот Балкан, кој требаше да се одржи минатиот месец во Скопје, но беше одложен поради трагедијата во Кочани.
Со стратегијата топло-ладно, дека нема ЕУ не може да даде гаранции, но и дека има нов моментум во проширувањето и таа е лично ангажирана околу спорот со Бугарија, Кос се надоврзува на вчерашната анализа на весникот ВЕЧЕР, во која се потенцира дека процесот на проширување на ЕУ е заглавен меѓу ветувања и блокади, а иднината на европската интеграција на регионот, вклучително и Македонија, останува неизвесна.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, во понеделникот изјави дека ако се погледне на мапата, Западен Балкан географски е во Европа и затоа земјите од тој регион треба да бидат во Европската Унија, што го прави процесот на проширување многу важен и треба да продолжиме со него. Калас истакна дека е јасно оти стабилноста и безбедноста на регионот е од суштинско значење, а најдобар начин за намалување на тензиите е сите земји од Западниот Балкан да се вклучат во ЕУ. И претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека проширувањето кон Западниот Балкан е јасен политички приоритет за Европската Унија, дека тоа е одраз на вистинската посветеност на ЕУ кон регионот и е најважната геополитичка инвестиција за мир, просперитет и стабилност на европскиот континент.
Наспроти ваквите позитивни пораки, Берлин испрати пораки на воздржаност за натамошно ширење на Унијата без претходни внатрешни реформи. Германија бара укинување на правото на вето, за ЕУ, да не се доведе во ситуација една земја да блокира одлуки, поучени од примерот со Унгарија и нејзиното постојано блокирање на заедничките одлуки.
Со пораките од еврокомесарката за проширување, наместо цврсти гаранции, ЕУ повторно се повикува на „добра волја“ и дијалог меѓу земјите членки и кандидатите, оставајќи го процесот на проширување отворен за нови услови и блокади. Овој пристап ја зголемува недовербата кај македонската јавност и ја става државата во позиција во која, дури и по исполнување на барањата, не може да биде сигурна во следните чекори. Додека политичарите во Брисел апелираат на компромис и соработка, реалноста покажува дека европската интеграција останува процес во кој ветувањата често се судираат со политичките интереси и националните агенди на земјите членки.
МНР: Процесот на проширување на ЕУ мора да биде предвидлив и заснован на критериуми
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја реафирмира својата јасна позиција: процесот на проширување на Европската Унија мора да биде предвидлив и заснован на објективни, мерливи критериуми, дефинирани во Копенхашките критериуми. Оттаму порачуваат дека преговорите треба да се водат врз основа на заслуги.
-Министерот Тимчо Муцунски, во повеќе наврати, истакна дека државата направи значајни и тешки компромиси во изминатите три децении, вклучувајќи уставни измени, промена на името на државата и други суштински реформи, со цел приближување кон Европската Унија. Сепак, и покрај овие напори, процесот на пристапување останува блокиран поради билатерални спорови, што го поткопува кредибилитетот на Унијата и ги охрабрува деструктивните наративи во регионот, велат од министерството.
Од МНР потенцираат дека е неопходно ЕУ да обезбеди институционални гаранции дека билатералните прашања нема да бидат инструментализирани за блокирање на пристапниот процес.
-Само на тој начин може да се обезбеди транспарентен и предвидлив процес на интеграција, кој ќе ја зачува довербата на граѓаните во Унијата и европската перспектива на нашата држава, информираат од македонското МНР. (В.С.Н.)