Данскиот дипломат Петер Соренсен најверојатно ќе биде назначен за нов специјален претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог во процесот на нормализирање на односите меѓу Србија и Косово, јавува денеска Радио Слободна Европа (РСЕ), повикувајќи се на дипломатски извори од ЕУ.
Според РСЕ, шефицата на европската дипломатија Каја Калас веќе го проследила неговото име до земјите-членки на ЕУ.
Истите извори потврдуваат дека амбасадорите на ЕУ ќе разговараат за овој предлог на нивната следна средба во вторник на 21 јануари. Сите процедури за назначување треба да бидат завршени до крајот на месецот, за Соренсен да ја преземе функцијата на 1 февруари.
Мандатот на пратеникот во заминување за дијалог Мирослав Лајчак истекува на 31-ви јануари.
Сите земји-членки на Европската унија треба да се договорат за назначувањето на Соренсен.
Питер Соренсен има поголемо дипломатско искуство во европските структури отколку во Данска – земјата од која доаѓа. Беше шеф на делегацијата во Скопје и Сараево, а имаше и неколку функции за време на администрацијата на УНМИК на Косово.
Тој во моментов работи како висок советник во Службата за надворешни работи на ЕУ, институција која се занимава со процесот на нормализирање на односите меѓу Србија и Косово.
Дипломатски извори од ЕУ за РСЕ велат дека се очекува Питер Соренсен да служи исклучиво како пратеник за дијалог. Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ во заминување, имаше „и други регионални прашања“ во својата титула.