Преселбата на Луис Хамилтон од Мерцедес во Ферари го отвори прашањето кој ќе го наследи славниот Британец во редовите на Мерцедес.
И на големо изненадување за сите, за негов наследник е избран 18-годишниот Кими Антонели, Италијанец со само една година искуство во Формула 2.
Кими има добро педигре бидејќи неговиот татко Марко е добро познато име во светот на мотоспортот. Но, тој нема големо искуство, бидејќи по возењето картинг, помина една сезона во Формула 2, а сега доби голема шанса во „најбрзиот циркус на светот“.
Интересно е што Кими го немаше положено возачкиот испит во времето кога беше избран за Формула 1. Тој документ го доби пред само неколку дена, кога по неколку месеци успеа да ја помине Б-категоријата.
Антонели помина неколку години во школата за млади возачи на Мерцедес, каде што имаше добри перформанси. На 15 години почна да се натпреварува во Формула 4, а потоа по две години беше одлучено да ја прескокне Ф3 и веднаш да скокне во Ф2. Минатата година возеше Формула 2 каде го освои шестото место.
Со оглед на сето она што го постигна досега, Антонели смета дека е подготвен за предизвикот во Формула 1.