Вработените во велешката фабрика за шински возила „Колска“, денеска се заканија со блокада на железничкиот превоз в понеделник, доколку до денеска не им се исплати декемвриска плата, придонесите и К-15 за изминатите две години. Фабриката работи со преполовен број вработени, има долгови кон повеќе доверители и подолго време е со блокирана сметка. Претседателот на синдикалната организација, Тони Арсовски рече биле принудени да се прогласи штрајк и го повика министерот за транспорт Александар Николоски да дојде во фабриката и да ги слушне работничките проблеми и барања

Вработените во велешката фабрика за шински возила „Колска“, единствената фабрика во Македонија, која работи на поправка и одржување на патничките и товарните вагони, вчера се заканија со блокада на железничкиот превоз во понеделник, доколку до денеска не им се исплати декемвриска плата, придонесите и К-15 за изминатите две години. Фабриката работи со преполовен број вработени, има долгови кон повеќе доверители и подолго време е со блокирана сметка.

Додека работниците мирно штрајкуваа пред влезната врата на фабриката на работа, дојде и управникот Стефан Амбарков, кој не застана да ги слушне нивните проблеми и барања. Затоа, пак, поддршка на барањата им даде претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, кој истакна дека недозволиво е распродавање на фабриката без почитување на основните работнички права и законите.

– Владата како сопственик на „Колска“ ги остави овие луѓе без корка леб за новогодишните и божиќните празници. Ова е повозрасна категорија работници кои ја изградија железницата и се грижат возовите да се движат. Не може да распродавате нешто што е градено со години, а да ги оставате работниците да не можат да преживеат и да не можат здравствено да се лечат – истакна Трендафилов. Тој го повика министерот за транспорт Александар Николоски да дојде во фабриката и да ги слушне работничките проблеми и барања.

Претседателот на синдикалната организација, Тони Арсовски рече биле принудени да се прогласи штрајк.

– Трпеливо чекавме две недели да ни се исплати плата, а нема ни најава дека ќе ја земеме. Ако не ни ја исплатат, во понеделник ќе го продолжиме штрајкот пред Железничката станица во Велес и блокада на железничкиот сообраќај. Друга опција не ни оставија. Имаме испратено барем десет дописи до влада и до министерства и побаравме средба да ни кажат како ќе земаме плата до процесот на реорганизација. Досега ниту сме повикани, ниту некој нè контактирал. Иницијативата за реорганизација беше на владата, ни се понуди нам како вработени да потпишеме и кога одбивме новиот управител што го донесоа ја потпишаа документацијата за три дена за да ја достават до судот. Најново што слушнавме е дека не можеле да ни исплатат плата затоа што „МЖ-Транпорт“ немала управен одбор кој треба тоа да го одобри – рече Арсовски.

Во Основниот суд Велес, за 19 март, има закажано рочиштето за одлучување за предлогот и гласање за планот за реорганизација изготвен од должникот „Колска“ од страна на доверителите кои ги прават пресметките кој и со колкав процент учествува во масата на стечајниот и на тој начин ќе има учество во гласањето. Меѓу поголемите доверители се Управата за јавни приходи и велешкото Јавно комунално претпријатие „Дервен“.

Пред еден месец излезе оглас за прибирање затворени понуди, за „санирање на тешката финансиска материјална положба“ преку доставување предлог-постапка за реорганизација на „Колска“. На него се јавила една заинтересирана фирма од струмичко Босилово, која имала и италијански партнери. Таа во понудата го прецизирала начинот, роковите и висина на подмирување на финансиските обврски кон доверителите, кон вработените, обврска за задржување на постојните педесетина вработени и нови вработувања, како и висина и динамика на планирани инвестиции.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ