До средината на мај, сите основни училишта во Општина Кисела Вода да бидат целосно опремени со сопствени фотоволтаици, што ќе ги направи енергетски ефикасни и финансиски одржливи институции.
Од Општината велат дека се прават сериозни чекори во насока на енергетската ефикасност, заштитата на животната средина и на модернизацијата на образовните установи.
– Во рамките на проектот за поставување фотоволтаични системи во сите основни училишта, веќе се инсталирани он-грид панели со капацитет до 20 киловати, во четири училишта: ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, ООУ „Партенија Зографски“, ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ и ООУ „Круме Кепески“ – информираат од Општина Кисела Вода.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека со поставувањето на овие фотоволтаици, училиштата ќе генерираат сопствена електрична енергија, што ќе значи значителна заштеда на финансиски средства, кои досега се трошеа за сметки за струја.
– Овие средства отсега ќе се користат за подобрување на условите за настава и за подобрување на целокупниот воспитно-образовен процес. Покрај тоа што директно се намалуваат трошоците, овој проект има и еколошка димензија, бидејќи се намалува зависноста од фосилни горива и се придонесува за чиста и здрава животна средина – потенцираше Ѓорѓиевски.