Градежните работи за изградба на пречистителната станица во Скопје, кај Трубарево, ќе започнат до крајот на годинава – најави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој истакна дека во моментот во тек се подготвителните работи и оти се прават дизајни.
-Очекуваме дека градежните работи за пречистителната станица Скопје ќе започнат до крајот на годинава. Согласно договорот за градба, изградбата трае три години и дополнителни две години период на пробна работа. Ако сите активности се одвиваат согласно предвидената динамика и рокови, пречистителната станица за отпадни води за Скопје ќе биде во функција во 2030 година – информираше Меџити.
Иако изградбата на пречистителната станица требаше да почне уште во март 2022 година, скопската градоначалничка Данела Арсовска влезе во сериозни конфликти со ВМРО-ДПМНЕ, партијата што застана зад нејзината кандидатура.
Кавгата настана бидејќи требаше да биде избран изведувачот на градежните работи меѓу два конзорциума, но тогаш Арсовска обвини за „самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер, поради што, покрај тогашниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, кој во моментот е министер за локална самоуправа, беше разрешен и генералниот секретар на Градот, Ѓоко Велковски.
Во март 2023 година беше потпишан договор за неповратен грант од 70 милиони евра од Европската Унија, со што се заокружи финансиската конструкција од над 200 милиони евра за изградба на пречистителната станица. Обезбедувањето финансии и потпишувањето на договорот за пречистителната станица се случија во декември 2019 година, кога Министерството за финансии потпиша договор за 136 милиони евра со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). Дополнително, државата доби грант од ЕИБ во износ од 10 милиони евра.
Проектот се состои од две фази. Пречистителната станица ќе се состои од единица за преттретман и единица за биолошки третман, кои ќе се изградат во првата фаза до 2030 година. Надградбата на биолошкиот третман, со цел да се вклучи и отстранување на азотот и на фосфорот, ќе биде во рамките на втората фаза на проектот (до 2045 година). Единицата за дезинфекција и одделното третирање на атмосферските води се сметаат на опционални објекти, кои може да се изградат во рамките на втората фаза од проектот. Ефлуентот од третманот на отпадните води ќе се испушта во реката Вардар.
Предвидениот капацитет на пречистителната станица е 625.000 жители во 2030 година и 650.000 жители во 2045 година.