Продолжува револтот на македонските кошаркарски клубови до Перо Антиќ, во однос на работата и функционирањето на првиот човек на Федерацијата. Токму поради тоа, овој пат со соопштение до јавноста се јави тимот на Работнички, најтрофејниот кошаркарски колектив во нашата држава, од каде што посочија на сериозни нерегуларности.

Соопштението ви го испраќаме во целост.

  • Со ова соопштение сакаме да ја запознаеме македонската јавност за актуелните случувања во Македонската кошарка, која го допре дното под водство на В.Д. во заминување Перо Антиќ. На собранието на Кошаркарската федерација на Македонија, коешто беше одржано на ден 18.12.2024 година, му беше изгласана недоверба на актуелниот В.Д. со 36 гласа против и само 7 за негово останување.
  • Се поставува логично прашање од каде го црпи легитимитетот за функцијата што ја врши и до кога мисли да ја силува македонската кошарка?
  • Да ја потсетиме јавноста дека на претходното собрание, коешто беше одржано во март 2023 година, дотичниот беше реизбран на функцијата претседател со помош на своите најблиски роднини и пријатели. Записникот од тоа собрание долго време се криеше од очите на јавноста бидејќи како што бевме сведоци од медиумите, таму се појавија неговите најблиски како претставници на најголемиот дел од кошаркарските клубови коишто му го продолжија мандатот за нови 4 години.
  • За фарсата да биде поголема вршителот на должност, мртов ладен, одлучи да ги менува правилата на кошаркарската игра. Тој, во сред сезона, прати инспекција  во салите за да констатира дека теренот на малата сала Кале, во која од неодамна настапува КК Работнички не ги исполнува условите за игра, односно теренот ги нема соодветните димензии според ФИБА кошаркарските правила.
  • Го прашуваме нелегитимниот како досега салата ги исполнуваше условите според ФИБА стандардите, а веќе не ги исполнува по 13 одиграни кола?
  • Дали тоа значи дека Македонското кошаркарско првенство е нерегуларно бидејќи веќе се одиграле 13 кола на терен што не ги исполнува условите за игра?
  • Го повикуваме Министерството за спорт на Република Македонија да ја провери регуларноста на Македонското кошаркарско првенство и во иднина да не дозволува на вакви себе прогласени шерифи да ја држат во заложништво македонската кошарка, се вели во соопштението на КК Работнички.

ИЗДВОЕНИ