АД ЕСМ склучи договор со фирмата „Топлина“ од охридското село Подмоље за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во РЕК Битола, во вредност од 1,15 милиони евра. Компанијата на почетокот на декември го раскина договорот со досегашниот изведувач „Марковски компани“ од Битола, а до избор на нов изведувач (постапката е во тек), „Топлина“ привремено ќе работи на ископ на доволни количини на јаглен за континуирано производство на електрична енергија во термоелектраните „Битола“- согласно со планот за производство.
– Комисијата за јавни набавки при АД ЕСМ, испрати покани до пет компании кои во последните пет години за истиот предмет на набавка во својство на самостојни понудувачи – редовно учествувале на јавните огласи за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во РЕК Битола. Најниска цена за услугите понудила фирмата „Топлина“. Според преговараните услови, избраниот изведувач ќе ги извршува задачите за околу 15 отсто пониска цена во однос на економскиот оператор со кој на почетокот на минатиот месец – РЕК Битола еднострано ја раскина соработката заради непочитување на одредбите од договорот – информираат од АД ЕСМ.
За постапката со преговарање без објавување на оглас, позната како процедура „во четири очи“, на 17 декември согласност дало Бирото за јавни набавки а 17 декември, 2024 година, преку постапка со преговарање во случај на крајна итност, согласно член 55, став 1 од Законот за јавни набавки.
Претходното раководство на АД ЕСМ го склучи со „Марковски компани“ последниот ваков договор вреден 46 милиони евра. „Марковски компани“ имаа три фирми подизведувачи, меѓу кои една од нив беше „Топлина“.
АД ЕСМ потенцираат дека секој актуелен или иден економски оператор што ќе биде ангажиран во рудниците на РЕК Битола ќе биде задолжен да работи исклучиво во согласност со постојниот рударски проект.
(С.Бл.)