– Граѓаните да не наседнуваат на големите попусти што се изразени во проценти. За да биде вистински попустот, треба да се гледа цената што била пред 30 дена, а не да се пресметува попустот на цената што била во јануари. Според Законот за заштита на потрошувачите, цената што важела пред 30 дена се зема како основа за попустот. Затоа, кога се пресметува попустот, треба да се пречкрта старата цена од пред 30 дена и да се напише новата цена. Не треба само да се стави процент, тоа е измамничко означување, изјави за весникот ВЕЧЕР Маријана Лончар-Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија

Попустите за „блек фрајдеј“ наместо еден ден, кај нас траат цел месец. Покрај тоа што некои од продавниците од почеток на месецов почнаа со попусти, кои се движат и до 80 отсто, реално цените се многу високи. Главно, поголеми попусти има на постарата стока, а помало е намалувањето на новите колекции. Практиката досега покажала дека попустите не се такви како што се прикажуваат, бидејќи на етикетата, цената со попуст е иста или повисока од претходната. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија апелираат до купувачите да внимаваат на маркетинг-триковите на трговците.

– Граѓаните да не наседнуваат на големите попусти што се изразени во проценти. За да биде вистински попустот, треба да се гледа цената што била пред 30 дена, а не да се пресметува попустот на цената што била во јануари. Според Законот за заштита на потрошувачите, цената што важела пред 30 дена се зема како основа за попустот. Затоа, кога се пресметува попустот, треба да се пречкрта старата цена од пред 30 дена и да се напише новата цена. Не треба само да се стави процент, тоа е измамничко означување – изјави за весникот ВЕЧЕР Маријана Лончар-Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Според неа, трговците обично ставаат 80 отсто попуст на постарите колекции, а новите колекции не се со толкав попуст. Но, како и да е, не смее да бидат изразени попустите само во проценти.

– Откако ќе се пречкрта старата цена и ќе се стави новата, тогаш потрошувачите ќе може да видат колкав е попустот, а ваквото означување на попустите само во проценти е манипулација. Исто и кај новите колекции, старата цена од пред 30 дена треба да се пречкрта, над неа да биде напишана новата и потоа се гледа за колку проценти е намалено одредено парче – појаснува Лончар-Велкова.

Таа додава дека кога трговците ставаат големи попусти, тие обично важат за неколку парчиња, а другата гардероба не е со толкав попуст.

– Целта со „големите“ попусти е да се привлечат поголем број потрошувачи. Овие трикови на трговците не се недозволени, но се нечесни. По „блек фрајдеј“, обично ги враќаат цените по старо, но Државниот пазарен инспекторат може да ги казни поради ваквите нечесни трговски практики – вели претседателката на ОПМ.

„Блек фрајдеј“ или „црн петок“ кај нас зема замав последниве неколку години. И покрај тоа што насекаде низ градот и во шопинг-моловите има залепени плакати за попусти до 80 отсто, граѓаните речиси и не ги забележуваат.

Но, има и такви што, сепак, ќе успеат да најдат артикли со значително намалена цена. Најчесто се купуваат брендирани облека и обувки, но и бела техника, телефони, компјутери…

Терминот „црн петок“ (Black friday) потекнува од САД, каде што на првиот петок по Денот на благодарноста, трговците максимално ги намалуваат цените, со што започнува празничната сезона. Ова е вистински празник за сите „шопингхоличари“ во Америка уште од 1952 година, а набрзо оваа традиција заживеала и во Велика Британија, но и во другите делови од Европа како Германија, Австрија и Швајцарија.

Сепак, најголемата манија што се случува на овој ден со огромни попусти е во Америка, каде што продавниците отвораат уште во текот на ноќта, а редиците за чекање се формираат во текот на раните утрински часови. Сосема е логично што шопинг-манијата наречена „црн петок” станала национален феномен во Америка, бидејќи сè почнало оттаму.

(А.С.)