Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) на свечена церемонија ги додели ваучерите за иновации за Западен Балкан, со кои се поддржуваат 20 научно-истражувачки проекти. Со овој настан се одбележа важноста од стратешката соработка помеѓу академскиот и бизнис секторот, како движечката сила на одржливи иновации, долгорочна национална конкурентност, клучен дел од Стратегијата за паметна специјализација.
Во рамки на повикот беа поднесени 35 проектни апликации, од кои 20 се добитници на иновациски ваучери. Вредноста на еден ваучер изнесува до 8.000 евра без ДДВ, а покрива до 80% од трошоците за услуги од високообразовни и истражувачки институции. Овие средства ќе се користат за развој на нови или подобрување на постоечките производи, процеси или услуги, доказ за концепт, физибилити студија, производство на лабораториски и демонстративни прототипови, различни видови тестови, валидизација на технологијата, развој и воведување на специјален софтвер за производ или процес, како и за ИПР и трансфер на технологија.
– Ваучерите не се само финансиски инструмент – туку мост кој ги поврзува идеите со практичната примена, науката со пазарот, и визијата со резултатите. Со вакви мерки настојуваме да креираме екосистем во кој се поттикнува научно-истражувачката дејност и екосистем во кој секоја нова идеја ја добива потребната поддршка за да прерасне во успех – изјави Никола Додов, в.д. директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Од вкупно 20 поддржани проекти, дури 40 чинители од различни економии на Западен Балкан се дел од нив, со што се поттикнува и прекуграничната соработка во регионот. Поддржаните проекти се насочени кон клучни приоритети, како: зелена и дигитална трансформација, здравство и развој на конкурентен и одржлив Западен Балкан. Следните девет месеци ќе бидат клучни за реализација на активностите и демонстрација на резултати што ќе придонесат кон економско и технолошко унапредување.