Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) им објави војна на сопствениците на кафеаните и на кафулињата. Имено, од Инспекторатот ги известуваат угостителите дека во наредниот период, во координација со Министерството за внатрешни работи, ќе спроведуваат засилени контроли на целата територија на Македонија, со акцент на спречување на послужувањето алкохол на малолетни лица.
– Послужувањето алкохол на малолетни лица е кривично дело, а казните за оние угостители што ќе бидат затечени како послужуваат алкохол на малолетни лица се ригорозни и се движат до 4.000 евра. Освен парични казни, се изрекуваат и казни за забрана за работа во период од еден месец. Согласно со Законот за угостителска дејност, угостителите се должни да ја утврдат возраста на лицето на кое му се послужува алкохол – велат од Пазарниот инспекторат.
Оттаму потсетуваат дека може да се пријавуваат забележаните неправилности на телефонскиот број 191 или на www.dpi.gov.mk. Но, од Инспекторатот не кажуваат дека не се спроведуваат на терен Законот за угостителска дејност и Законот за заштита од пушење. Тоа можеше најубаво да се забележи во текот на предновогодишните прослави, кога кафеаните и кафулињата наликуваа на пушилници.
Од ДПИ нагласуваат дека трите опасни производи (детски дуксер, играчка куче акробат на батерии и ротирачка ламба) што се откриени на македонскиот пазар во првото полугодие од ланската година, се повлечени од македонскиот пазар, како и електричните украсни светилки, исто така од непозната марка, откриени пред крајот на 2024 година. Тие повлечени производи се ставени и на веб-страницата на ЦЕФТА.
(С.Бл.)