Фондот за Западен Балкан денеска објави повик за поднесување на предлог-проекти за зајакнување на соработката помеѓу државите од Западен Балкан, кој ја суфинансира Европската Унија преку ИПА – фондовите, односно инструментот за претпристапна помош, а е за подобрување на регионалната соработка помеѓу државите. Максималниот износ на грантот е до 30 илјади евра.
Повикот за поднесување на проектите е отворен до 17 јуни и може да се пријават организации и здруженија, невладини друштва, помеѓу кои и здруженија од областа на образованието, културни друштва, спортски здруженија и слично.
Инструментот Инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан е заедничка иницијатива на Европската Унија, билатерални донатори и меѓународни финансиски институции. Повиците за поднесување проектни предлози се организираат на редовна основа, и мора да бидат номинирани од страна на Националниот ИПА координатор во сопствената држава.
На веб-страницата на Секретаријатот за европски прашања се закачени сите потребни формулари и упатства за начинот на аплицирање за дел од средствата од Европската Унија.
Во меѓувреме, од страна на Европската Унија има пакет од шест милијарди евра за земјите од Западен Балкан за подобрување и развој на државите. Услов за добивање на дел од тие пари е подобра и поефикасна европеизација на земјите кои претендираат да бидат дел од европското семејство.
(С.Бл.)