СДСМ достави во Собранието предлог-закон со кој работодавците во приватниот сектор ќе можат да им ги зголемат платите на своите вработени за износ од 3.000 до 15.000 денари, без да мора да плаќаат придонеси за тој зголемен дел.
– Се соочуваме со реален проблем: платите во Македонија сè уште се ниски, а трошоците за живот постојано растат. Работниците се борат да врзат крај со крај, а многу од нив размислуваат да ја напуштат државата во потрага по подобри услови. Од друга страна, и работодавците сакаат да ги зголемат платите, но честопати не можат поради високите придонеси што мора да ги плаќаат. Со предлог-законот ќе им помогнеме и на работниците и на компаниите, а ќе се обезбедат и дополнителни приходи во буџетот – вели пратеничката на СДСМ и ексдиректорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.
Во предлог-законот се предвидува придонесите за пензиско, здравствено и за социјално осигурување да се замрзнат на просекот од последните три исплатени плати на работникот и ова да важи во период од една година, со што, според неа, работодавците нема да имаат дополнителен финансиски товар при зголемување на платите.
Ова ослободување ќе се однесува за работниците за кои компаниите исплаќаат нето-плата што не е повисока од 65.380 денари, а такви се околу 400.000, кои би можеле да добијат повисоки примања без зголемени трошоци за компаниите.
– Ако просечното зголемување на платата биде 7.500 денари за 400.000 вработени, тогаш вкупното покачување на платите на национално ниво би било 585 милиони евра. Односно подетално, 400.000 работници помножено со 7.500 денари во просек по 12 месеци, се добива износ од 36 милијарди денари или 585 милиони евра дополнителен приход за граѓаните годишно. Иако нема да плаќаат придонеси за ова зголемување, работодавците сè уште ќе плаќаат данок на личен доход (10 %), што значи дека во државниот буџет ќе се слеат 58,5 милиони евра дополнителни приходи од данокот на личен доход – објаснува Лукаревска.
Според неа, на ваков начин работниците добиваат поголеми плати, компаниите не се оптоваруваат со дополнителни трошоци, што ги охрабрува да инвестираат во своите вработени, а државата добива повисоки приходи без да воведе нови даноци или да ги зголеми буџетските трошоци. Затоа сметам дека оваа мерка е паметна, правична и издржана, го поттикнува растот на платите, ја зајакнува економијата и создава стабилност и сигурност за работниците и за компаниите.