До 10 илјади евра грант за подигање нови насади со цреши, сливи, лешници, ореви…

154

Земјоделците од Преспа можат да конкурираат за добивање грант до 10.000 евра, за подигање нови култури: цреши, сливи, лешници, ореви и др. и за спроведување мерки штоќе обезбедат проширување на органското производство и сертифицирање на земјоделците за органско и/или интегрирано производство.

Станува збор за Програмата за одржливо земјоделство во Преспа, која е предуслов за пристап до грантовите  и за нивно добивање, потребно е земјоделците да се евидентирани во Регистарот на земјоделски стопанства на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

За таа цел, Општина Ресен распиша повик за учество вo Програмата за одржливо земјоделство, во чии рамки е планирано да се одржи сет обуки од областа на одржливото земјоделство и менторски сесии за техничка поддршка, со цел усвојување добри земјоделски практики, кои во исто време ќе придонесат за поголем принос за земјоделците од Преспа.

Во Програмата за одржливо земјоделство во Преспа, планирано е да бидат вклучени искусни експерти и да се одвива во три фази: првата – обуки, планирани за август – декември 2024, втората – селекција на фармери што ќе добијат финансиска поддршка и третата – директни менторски сесии, планирани да завршат најдоцна до јуни 2026 година. Во текот на менторската фаза, искусни консултанти ќе обезбедуваат насоки, поддршка и совети на земјоделците што ќе добијат грант.

Во првата фаза на Програмата за одржливо земјоделство во Преспа, поточно во фазата на обуки, може да учествуваат евидентирани индивидуалци во Регистарот на земјоделски стопанства на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Секој заинтересиран/а земјоделец/лка ќе има можност да се пријави за три од понудените теми за одржливо земјоделство:„ Заштита на земјоделски производи“, „Управување со почвата“, „Наводнување и зачувување на водата“, „Промена на култури“, „Органско земјоделство“ и „Интегрирано земјоделство“.

УНДП се залага за родова еднаквост и за јакнење на жените, како и за поддршка на младите луѓе. Затоа проектот ќе работи на промовирање на родовата еднаквост и јакнење на жените и младите земјоделци во програмите за градење на капацитетите, обуките, како и за финансиска поддршка за земјоделките, претприемачките и младите луѓе.

Програмата за одржливо земјоделство во Преспа се спроведува во рамките на проектот ЕУ за Преспа – Обнова на природните ресурси и зајакнување на одржливото земјоделство и туризмот, кој е финансиран од Европската Унија, а го имплементира Програмата за развој на обединетите нации (УНДП).

Дополнително, планирана е инфосесија во Општина Ресен, на 31.7.2024 година, во 10:00 часот, на која ќе бидат објаснети повикот за земјоделците од Преспа, Програмата за одржливо земјоделство, критериумите за избор, потребните документи за пријавување и временската рамка.