ДНК – по хуманоста се препознаваа!

381

Вечен спомен за Андреј, молитва за заздравување на Панчо. Ова е желбата на илјадници обожаватели и цела македонска јавност по катастрофата што се случи во кочанската “дискотека на смртта“. Беа препознатливи по голем број хитови но и по нивната човечност и емпатија. Беа врвни музичари но и вредни, позитивни, омилени…голем број од нивните концерти беа хуманитарни, помагаа и тоа го правеа од срце, за намачените човечки души.

Македонското музичко дуо ДНК со години беше и ќе остане миленик на нашата публика. Незапирливи, омилени, распеани, популарни. Не за џабе луѓето зборуваа дека само смртта би можела да ги раздели. Тоа, за голем жал, и се случи. Игра на судбината во кобната мартовска ноќ, во кочанската импровизирана дискотека. Панчо остана жив и сè уште се бори за својот живот. Сите молитви се упатени кон него, да оздрави, да застане пак под рефлекторите, доколку, се разбира, биде во состојба по преживеаниот хорор. За Андреј знаеме. Тој отсега е таму некаде, меѓу ангелите. Неговото човечко срце, и тогаш кога беше физички присутен меѓу нас, покажа колку хуманост имаше во него. Се разбира, заедно со Панчо.

Неброени се нивните хуманитарни акции, преку кои им помагаа на луѓето. Не затоа што сакаа да се промовираат. Не им требаа промоции преку хуманитарните дела, бидејќи единствената „реклама“ им беше преку нивната песна, со која нè развеселуваа повеќе од 20 години. На времето, за тоа зборуваше и самиот Андреј:      – Тоа сме ние во душата. Колку и да се обидувате да нè напаѓате поради овие хуманитарни работи, ние нема да престанеме. Чувствуваме општествена одговорност да им ја подариме на несреќните луѓе убавината на животот. Ќе го правиме ова сè додека не држи силата што Господ ни ја дава.

А, има многу такви примери. Од минатогодишната „Златна бубамара на популарноста“, музичарите (заедно со Врчак)    ја ставија на лицитација наградата за Хит на годината. Парите што беа собрани при тоа, во износ од над 11.000 евра, беа наменети за лекувањето на Леонид Индов на клиниката во Виена. Настан со кој Леонид тогаш се најде во центарот на вниманието на македонската јавност, поттикнат од хуманитарната акција на ДНК.

Добро го паметиме и случајот во семејството на Стојче Јакимовски. Тогаш Андреј емотивно напиша: – Отидовме јас и Панчо да ги посетиме господинот Јакимовски и неговата фамилија во селото Ергелија за да им донираме храна и некои финансии во доменот на можностите, толку колку што ни дозволуваше џебот. Да може да излезат од лошата ситуација во која се наоѓаа. Панчо се слушна со господинот Стојче и тој, видно расположен и благодарен, му кажал дека тукушто извадил 76.000 денари од собраните средства. Покрај ова, Панчо му кажа дека му обезбедивме на семејството и машина за перење, која ја бараше и која ќе му стигне во петок.                                           Значи, да разјасниме и да сфатите нешто најбитно, нам не ни треба медиумска реклама преку хуманитарните акции. Тоа сме ние во душата. Колку и да се обидувате да нè напаѓате поради овие работи. Дониравме многу пати и никој не дозна за тоа, а не е ни важно. Најбитно е кога гледаме јас и Панчо насмевки на лицата на луѓето. Воедно, да им докажеме на сите на кои им помагаме дека не се сами, за жал, во оваа гнила држава и себично општество. Наше е да помагаме, а ваше е дали ќе споделите и ќе ни се приклучите во хуманитарните акции.

И пак, ќе повториме дека  тие нивни хуманитарни акции се без крај. Писмото на Берк Лимани од Скопје допре длабоко во нивната душа, предизвикувајќи брза акција од нивната страна.

– Отидовме директно докај неговото семејство, во нивната куќа со една собичка, во која, за жал, ги немаа основните работи за живот. Немаа ни струја. Берк Лимани и неговата мајка, Севим, живеат во скопската населба Ѓорче Петров, во сосема нехумани услови.

Воедно, ние целосно го покривме и трошокот за терапијата на болната мајка на Лимани. Сметката за струја изнесуваше 46.000денари. Ја плативме. Нивниот скромен дом повторно засвети. Пред тоа, додека разговаравме со нив двајца, бевме осветлени од неколку свеќи. Прашавме со што уште би можеле да им помогнеме заедно со другите хумани луѓе. Тие тоа и го добија: фрижидер, бојлер, телевизор, топол дом.

Панчо и Андреј и со концертот во Арената „Борис Трајковски“ ја покажаа хуманоста на дело. Дел од средствата беше дониран во Фондацијата “Марко Божиновски“ – фондација која се залага најпрво за поддршка на млади спортисти, но и општо на млади луѓе од социјално загрозени категории. Исто така влезот на концертот за дечиња до 9-годишна возраст беше бесплатен!

Ете, такви беа Андреј и Панчо од ДНК. Примери за нивната хуманост има уште многу, многу. Но, навистина не им кажуваа на новинарите за сите тие акции. Тоа го правеа од срце, за намачените човечки души. На Андреј нека му е лесна земјата, нека почива во мир. На Панчо, покрај здравје, му посакуваме уште многу нови песни и другарување со своите обожаватели, кои нестрпливо го чекаат неговото враќање на македонската музичка сцена.              (Д. М.) фото: архива

 

ИЗДВОЕНИ