Дневниците за патување на г-ѓа Гаши во Вашингтон се законски исплатени

АНТИКОРУПЦИСКА ОДЛУЧИ ЗА ЗАПИРАЊЕ НА ПОСТАПКАТА

42

Антикорупциска комисија донесе одлука за запирање на постапката по пријавата за незаконска исплата на трошоци за патување во странство на сопругата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, бидејќи констатирале дека не се потврдени и утврдени повреди на одредби од Законот за спречување корупција и судир на интереси. Антикорупционерот Сервет Демири побара да се достави препорака за доуредување на Упатството на Собранието што ги регулира службените патувања, со одредби по примерот на Кодексот на Владата за етичко однесување. Комисијата утврди дека актуелното упатство за реализирање службени патувања во странство содржи правна празнина и недореченост.

Пријавата се однесува на покривањето трошоци за патување реализирано во периодот од 8 јули до 11 јули 2024 година, на парламентарниот самит на НАТО во Вашингтон. Демири посочи дека со пријавата биле доставени патни сметки без да биде наведено на кое лице се однесуваат. Тој потврди дека од Собранието била доставена документација (покана, решение за патување, финансиска конструкција за патувањето, копија од дипломатската патна исправа и соодветна виза), која била разгледана.

– Утврдено е дека сопругата на претседателот патувала во странство како дел од делегацијата, врз основа на решение донесено од секретарот на Собранието. Анализата покажа дека трошоците биле покриени од буџетот на Собранието, дека постоела програма за брачни партнери и дека е вообичаено тоа при вакви настани – рече Демири.

Според него, за носителите на оваа функција треба да се применуваат истите стандарди како и за ПВРСМ (премиерот), како носители на највисоката функција на извршната власт, кои се содржани во Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавните функции именувани од Владата, донесен на седницата на 22.9.2020 година. Во него е предвидено и дозволено со државни средства да бидат покриени трошоците за брачниот другар/другарка кога патува како дел од официјална делегација.

ДКСК утврди дека наводите од пријавата за сопругата на спикерот Гаши не се потврдени и дека не се утврдени повреди на одредбите од Законот за спречување корупција и судри на интереси, поради што нема основ за натамошно постапување. По постапката е утврдено дека постојниот акт Упатство за реализирање службени патувања во странство содржи правна празнина, односно недореченост.

Препорака на ДКСК до Собранието е да се поведе иницијатива за дополнување и треба да се одреди изрична одредба за регулирање на ваквите случаи по примерот на членот 19 став 4 од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носители на јавни функции, кој дозволува покривање на трошоците за брачниот другар на ПВРСМ, при службено патување. Со оваа измена, смета Демири, ќе се обезбедат правна усогласеност и јасност во постапувањето во идентични ситуации.

ИЗДВОЕНИ