Дива депонија во Злокуќани на приватен имот го труе градот

647

Инспектор од Општина Карпош веднаш излегол на терен откако во вторникот попладнето беше запалена депонијата во Злокуќани во близина на телевизијата Канал 5. Од Општина Карпош велат дека е направен увид и случајот веднаш е пријавен во полиција и во противпожарната служба.

Според општинските власти, бидејќи пожарот бил на приватен имот, на сопственикот на имотот му било укажано да го расчисти и обезбеди местото. Тој повеќе пати бил казнуван, но поради тоа што за тој дел нема донесено Детален урбанистички план, тој не смее да го огради просторот.

– Во последните четири години, местото најмалку десетина пати е чистено од службите на Општина Карпош, но и исто толку пати се полни со ѓубре од несовесни граѓани кои живеат во околината. При секоја интервенција на општината му е укажувано на сопственикот да го одржува чисто земјиштето, за што му се пишувани и казни. Сепак, бидејќи нема важечки детален урбанистички план за посочената локација, сопственикот не е во можност да го огради земјиштето – појаснуваат од Општина Карпош. 

Сличен проблем се јавува и со поранешната депонија „Вардариште“. Околните жители постојано пријавуваат пожари поради тоа што несовесни лица палат гуми и друг отпад на оваа депонија и на тој начин го загадуваат воздухот. При тоа, не само што страдаат жителите на општина Гази Баба, туку и на Аеродром.

За оваа некогашна депонија е надлежен Град Скопје, но со години оттаму не можат да изнајдат решение за овој проблем.

Од Град Скопје велат дека имаат исчистено над 300 депонии во изминатите три години, додека чистењето депонии на општинско земјиште на 10 скопски општини, на земјиште на Република Македонија или на приватно земјиште е обврска на сопственикот на земјиштето.

– Во услови на нотирано зголемено загадување на амбиенталниот воздух во Град Скопје, покрај Инспекторатот на Град Скопје, во градот има уште вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да постапуваат при загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните. Досега единствено градот Скопје секојдневно реагира, додека останатите не постапуваат иако за истото имаат законска обврска – потенцираат градските власти.

Оттаму информираат дека изминатата недела инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори изрекле казни над 20 сторители, а секоја недела во просек се изрекувале помеѓу 20 и 30 санкции.

– Единствено Град Скопје во минатата година поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани – децидни се градските власти.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ