Дискутабилно е дали ќе има бесплатен превоз за студентите од приватните универзитети

16

Долгот на централните власти кон Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) од јануари идната година ќе изнесува десет милиони евра и Советот треба да дискутира дали воопшто ќе има бесплатен превоз за сите, а не само за студентите од приватните универзитети, смета градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Превозот за студентите, вклучително и за оние од приватните факултети, како што посочи, требало да биде обезбеден од централните власти како дотација кон претпријатието и како дел од мерката за поддршка на студентскиот стандард.

– Јавното градско претпријатие функционира со тоа што генерира навистина големи трошоци за разлика од претходните мандати кога во година имало и до 30- 40 милиони евра што се слевале од страна на централниот буџет во касата на јавните претпријатија. Сега во изминативе три години имаме дефицит, односно помалку средства од она што го должат, не зборувам за студентите, туку за она што го должат околу 20 милиони евра долг од централните власти и институции во државата кон јавните претпријатија – истакна Арсовска.

Според неа, советниците на Скопје ќе мора да донесат одлука, затоа што без да има покритие на трошоците, ЈСП ќе тоне се повеќе во долгови.

Во однос на новогодишното украсување на главниот град, Арсовска рече дека постапките се започнати и наредната недела ќе има повеќе информации.