Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествува на отворањето на третото издание на ESG Adria Summit 2025 кое се одржува во Порто Монтенегро, Тиват, Црна Гора. Самитот беше официјално отворен од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, во присуство на премиерот Милојко Спајиќ и други високи претставници.
ESG Adria Summit 2025 претставува најголема регионална платформа посветена на одржлив развој, иновации и ESG (Environmental, Social, Governance) политики. Оваа година, самитот ги обединува повеќе од 700 учесници, вклучувајќи владини претставници, бизнис лидери, финансиски институции и меѓународни организации.
Министерката Божиновска ќе учествува на неколку панели и дискусии посветени на енергетската транзиција и одржливото финансирање, со цел да ги сподели искуствата и напорите на нашата земја во овие области. Таа ќе говори за мобилизирање капитал за зелени проекти – каде ќе дискутира за стратегиите за привлекување капитал за зелени проекти во регионот.
Ќе даде свое видување и за енергетските аукции како катализатори за распоредување на обновливите извори на енергија во Западен Балкан – панел организиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), фокусиран на улогата на енергетските аукции во забрзување на развојот на обновливите извори на енергија на Западен Балкан.
Ќе има свое обраќање и на настанот организиран од Секретаријатот на Енергетската заедница каде што ќе говори за интеграција на пазарот на електрична енергија и CBAM – Preparing Utilities for the Future.
Покрај учеството на овие панели, министерката Божиновска ќе оствари и неколку билатерални средби на маргините на самитот со цел зајакнување на регионалната соработка во областа на енергетиката и одржливиот развој.