Градот Диселдорф, кој е главен град на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, веќе со денови пулсира во ист ритам, и тоа поради Европското фудбалско првенство.
На секој чекор може да се почувствува прекрасната атмосфера, која може да ја понуди само најважната споредна работа на денешницата, но тој интензитет денеска е до точка на вриење затоа што прекрасниот стадион на германскиот второлигаш, „Фортуна“, е домаќин на, можеби, најинтересниот осминафинален дуел на ЕП 2024, пресметката помеѓу репрезентациите на Франција и на Белгија.
Мултифункционалната „Merkur Spiel-Arena“ сигурно ќе биде претесна да ги нагости сите оние што сакаат во живо да ги гледаат големите фудбалски ѕвезди како: Килијан Мбапе, Оливие Жиру, Антоан Гризман, Тео Хернандез, Кевин де Бруин, Ромелу Лукаку, Џереми Доку…
Стадионот одамна е распродаден, но не треба да очајуваат сите оние што не дојдоа до драгоцениот билет. Во центарот од градот има неколку фан-зони, кои се совршено организирани. Влезот е слободен, има место за стоење пред големите видеобимови, а има и трибини за оние што сакаат да седнат.
Во секоја фан-зона има по неколку штанда на кои, нормално, се продаваат неколку вида пиво и, секако, заштитниот знак на Германија – колбасите.
Дури и за македонскиот стандард цените се прифатливи, едно големо пиво чини околу 5-6 евра, а за истата сума може да се добие и сендвич со колбас.
Пред да се влезе во фан-зоната, на секој чекор има маркети и штандови на кои се продаваат секакви реквизити за навивање, капи, маички, дресови, знамиња…
Оние што имаат подлабок џеб, сигурно, ќе го следат натпреварот во некој ресторан на шеталиштето покрај реката Рајна.
Низ градот може да се забележат навивачи од сите земји и нормално дека дуелот помеѓу Франција и Белгија ќе го следат и навивачи од Македонија.
Специјално за весникот ВЕЧЕР од Диселдорф, Марио Сотировски