Подобрување и одржување на макроекономската стабилност, поддршка на економската активност и забрзување на економскиот раст се главни цели на фискалната политика која ќе ја води новата Влада. Процесот на стабилизирање веќе е започнат со усвоениот Ребаланс на Буџетот за 2024 година и ќе продолжи со дисциплинирано буџетско трошење, постепена фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, со истовремено згоелмена ефикасност во наплатата на приходите.

Ова беше констатирано на средбите на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, како и со Жероен Клик, којшто ќе ја преземе функцијата извршен директор на ММФ и Марникс ван Рај, којшто треба да ја преземе функцијата алтернативен извршен директор.

– По преземање на власта во текот на јули подготвивме ребаланс на Буџетот за 2024 година со цел да обзбедиме стабилизирање на јавните финансии и отплата на обврските кои беа пропишани со закони и доспеаните обврски. Фискалната консолидација е процес кој е веќе се практикува и во Ребалансот преку кратење на непродуктивните трошења. Тој процес со дисциплинирано буџетско трошење ќе продолжи и во наредниот период што ќе се одрази на намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Од друга страна ќе се подобрува приходната страна на буџетот со зголемување на ефикасноста во наплатата особено во делот на неформалната економија – рече министерката за финансии.

Таа посочи дека на ваков начин постепено ќе се постигнат фискалните правила за нивото на буџетскиот дефицит до 3% од БДП и јавен долг до 60% од БДП.

– Усвоена е Фискалната стратегија и исцртана е траекторијата по која ќе се движи буџетскиот дефицит, како и Стратегијата за управување со јавен долг со кој, исто така, се обезбедува остварување на напорите на Министерството за финансии за прудентно управување со јавниот долг и достигнување ниво под 60% до 2029 година. Во тие рамки веќе во завршна фаза е буџетот за 2025 година со кој се очекува намалување на буџетскиот дефицит во споредба со ребалансот од оваа година и ќе биде на ниво не повеќе од 4% од БДП – истакна Димитриеска-Кочоска.

Таа напомена дека покрај фискалната консолидација силен фокус е ставен од страна на Владата и на заживување на економијата и дека во таа насока ќе се имплементира сосема нов концепт кој се заснова на инвестиции. Таа истакна дека дополнително економската активност ќе се поддржи и преку реализација на еден нов инвестициски циклус од над 500 милиони евра од страна на приватниот сектор.

Исто така, посочи важна улога ќе има и даночната реформа којашто  се заснова на зајакнување на наплатата на приходите пред се преку намалување на неформалната економија, што покрај поголема ефикасност во прибирање на приходите, ќе создаде и рамноправни услови за работа на компаниите и нивна поголема конкурентност.

Реформите коишто се планирани ќе добијат поддршка и од најавениот План за раст на Западен Балкан на ЕУ за што до крајот на годината се очекува првата транша во износ од 7% од вкупната сума која е околу 750 милиони евра.