Генералниот директор на „Македонскa поштa“, Орхан Куртиши, побарал од Владата 5 милиони евра, како привремен излез од финансиската криза, но сè уште не добил одговор оттаму.

АД „Македонска пошта“ е загубар, континуирано, од 2017 година и во овој период, а заклучно со 2023 година, се акумулирани загуби од 17 милиони евра. Во извештајот што го направија од ДЗР, објавен завчера, беше нагласено дека континуираните загуби негативно се одразуваат на тековното и на идното работење на друштвото, не овозможуваат негов развој и го доведуваат во прашање ефикасното, трајно, уредно и квалитетно вршење на дејноста, како јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај.

За ваквата состојба предупредија и од Агенцијата за пошти. На 22. јавен состанок одржан на почетокот од јуни годинава, беше нагласена потребата за државна помош за да се одржи нивото на универзална услуга од АД „Македонска пошта“  

Генералниот директор на „Македонскa поштa“, Орхан Куртиши, побарал од Владата 5 милиони евра за излез од финансиската криза.

– Побаравме околу 5 милиони евра. Сè уште немаме одговор, но ова е привремен излез од кризата. Треба да го следиме примерот на Србија, каде што една година Владата застана зад Поштата на Србија и ѝ даде финансиска поддршка од 20 или од 25 милиони евра. Што се однесува до физибилити студијата за која се потрошени 800 илјади евра, всушност, стои во фиоките на Поштата, никој не се занимавал со неа. Почнав да ја читам, да видам што замислиле таму, но реалната состојба и напишаното се во конфликт – истакна Куртиши во телевизиско интервју.

Тој додаде дека добил уверување од министерот за транспорт, Александар Николоски, дека нема да се бара приватен партнер.

– Можам слободно да кажам дека во разговорите што ги имавме, министерот ја изрази својата подготвеност Поштата да остане за граѓаните – изјави Куртиши.

Ова акционерско друштво во државна сопственост е загубар, континуирано, од 2017 година и во овој период, а заклучно со 2023 година, се акумулирани загуби од 17 милиони евра. Во извештајот кој го направија од Државниот завод за ревизија, а кој беше објавен вчера, беше нагласено дека континуираните загуби негативно се одразуваат на тековното и на идното работење на друштвото, не овозможуваат негов развој и го доведуваат во прашање ефикасното, трајно, уредно и квалитетно вршење на дејноста, како јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај.

Во анализата на квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга, ревизорите утврдиле ненавремена достава на пратките. Во 2023 година, 59,7 % од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5 % биле доставени во период подолг од три дена. Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75 % и максималниот стандард од 88 % за успешно и навремено доставени пратки.

За ваквата состојба предупредија и од Агенцијата за пошти. На 22. јавен состанок одржан на почетокот од јуни годинава, беше нагласена потребата да се одржи нивото на универзална услуга од страна на АД „Македонска пошта“.

– Бидејќи досега немаше соодветен механизам за компензација на нето-трошокот за универзална услуга, преку државна помош од буџетот, вграден е во последниот предлог-текст на Законот за поштенски услуги. Европската регулаторна рамка го дозволува тоа и очекуваме што поскоро да бидат донесени измените на Законот во законодавниот дом. Но, во исто време, укажуваме дека час поскоро се потребни и екстра напори од менаџментот на АД Пошта, насочени кон намалување на расходите, паралелно со мерки за подигнување на нивото на продуктивност и ефикасност на универзалната услуга. Дополнително, експертизата од регулаторот сугерира на намалување на нето-трошокот за универзалната, што може да се постигне преку модернизација, која нема да ги занемари ни потребите на корисниците – истакна Олга Манчевска, раководителка на Директоратот за регулатива, лиценцирање и правни работи во Агенцијата за пошти.

(С.Бл.)