Директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, денеска потврди дека САД ја прекинале разузнавачката поддршка и испораката на оружје за Украина по конфронтацијата во Овалната соба меѓу претседателот Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп минатиот петок.
„Трамп постави вистинско прашање за тоа дали претседателот Зеленски е посветен на мировниот процес и рече да направиме пауза“, изјави Ретклиф за Fox Business, пренесува CNN.
„Сакам да дадам можност да размислам за тоа и го видовте одговорот што го даде претседателот Зеленски“, додаде Ретклиф.
Тој изрази надеж дека паузата наскоро ќе биде укината и ја истакна својата посветеност да работи со Украина за постигнување мир, по писмото на украинскиот претседател до Трамп.
„И мислам дека ќе работиме рамо до рамо со Украина бидејќи мораме да ја запреме агресијата и да го поставиме светот на подобро место за овие мировни преговори да се движат напред“, додаде директорот на ЦИА.
Висок американски воен функционер рече дека САД веќе го ограничиле споделувањето разузнавачки информации, вклучително и спроведувањето на помалку разузнавачки, надзорни и извидувачки летови кои би можеле да влијаат на офанзивните и одбранбените операции, вклучително и противвоздушната одбрана, бидејќи Украина зависи од разузнавачките служби на САД.
Пред инаугурацијата на Трамп, Ретклиф и транзицискиот тим на Трамп беа информирани од американски официјални лица за вредноста на споделувањето разузнавачки информации со Украина, нагласувајќи дека тоа е важна алка во достигнувањата на бојното поле, според извор запознаен со дискусиите.
Си-Ен-Ен во вторникот објави дека и украинските и американските воени претставници го проценуваат потенцијалното влијание на прекинот на воената помош.