Се ближи крајот на повтореното судење за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 пациенти кои се лечеа за време на ковид пандемијата. Им се суди на поранешните директори и болницата како правно лице. На денешното рочиште заврши доказната постапка, а на 25 април ќе следуваат завршните зборови на Обвинителството и одбраната на обвинетите.
Како последни сведоци сослушани беа двајца вработени од обезбедувањето на Клиничка болница Тетово, како и докторка од интернистичкото одделение која била ангажирана во модуларната болница. При сведочењето обвинителот ја праша докторката Ерселе Треси дали во модуларната болница имало раководител.
– Сме немале раководител, секој кој бил на смена бил одговорен, истакна докторката Ерселе Треси.
Адвокатите ги прашаа двајцата вработени од обезбедувањето дали забележале противпожарни апарати во модуларната болница.
– Да, мислам дека имаше три. По еден во магацин, во сестринска соба и во чекална, посочи сведокот Башким Ибраими.
По завршување на сведочењата судијата Јордан Велковски ги праша адвокатите, дали обвинетите ќе даваат исказ, на што бранителите одговорија дека обвинетите нема да зборуваат. Потоа судијата констатираше дека доказната постапка е завршена.
Поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се товараат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Тие на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението но дека не чувствуваат вина.
Првата пресуда пресуда за директорите беше условна, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“. Апелацискиот суд во Гостивар го врати предметот назад во Основниот суд поради нејснотии во пресудата.
Минатиот месец, пред тетовскиот суд, протестираа семејствата на загинатите во пожарот во модуларната незадоволни од судскиот процес. Побараа од обвинителот Љупчо Коцевски да ги земе предвид сите докази и да ја прошири истрагата и кон други лица.