Директорите во автомобилскиот гигант „Тесла“ ги продаваат акциите што ги имаат таму. Од почетокот на годинава, акциите на компанијата паднаа за 40 проценти или нејзината пазарна вредност е намалена за повеќе од 800 милијарди долари од декември досега.

Ова доаѓа поради намалената продажба на нејзините електрични возила на европскиот пазар, а слична е состојбата и на пазарот во Кина. Тој пазар беше светла точка на компанијата на Илон Маск, каде што е извршен директор.

Еден од првите инвеститори во „Тесла“, Рос Гербер, изјави дека Илон Маск треба да се повлече од функцијата извршен директор, освен ако не се откаже од својата нова работа во американската Влада. Тој смета дека е запоставен бизнисот, дека е влезен во криза и поради тоа продал значителен број акции во последните месеци.

„АБЦ Њус“ објави дека четворица директори на „Тесла“, од почетокот на месецов, продале акции во вредност од над 100 милиони долари. Според документите на американската Комисија за хартии од вредност, и братот на Маск, Кимбал, минатиот месец продал 75.000 акции во вредност од околу 27 милиони долари. Долгогодишниот сојузник на Маск, Џејмс Мардок, продал акции во вредност од околу 13 милиони долари дента кога го забележа „Тесла“ најголемиот пад во еден ден од почетокот на пандемијата на коронавирусот.

Главниот финансиски директор на „Тесла“, Ваибхав Танеја, исто така продал акции во вкупна вредност од над 5 милиони долари, во последните недели.

– Кога продаваат инсајдерите, вклучително и директорите, акции, тоа не е позитивен сигнал. Ова може да значи дека вредноста на „Тесла“ била преценета – изјави за АБЦ професорот за финансии на Универзитетот во Флорида, Џеј Ритер.

Се чини дека побарувачката за електрични автомобили го достигна врвот на клучните западни пазари и покрај острите намалувања на цените за да се зголеми привлечноста во време на континуиран притисок врз потрошувачките буџети.

Гигантот „Тесла“ допрва треба да ја лансира робот такси-услугата наречена „Cybercab“, која е најавена за претстојното лето и која, според некои, може да го спаси неговиот пад.

ИЗДВОЕНИ