Од СДСМ посочуваат на проблеми во рудниците на РЕК Битола, во однос на дефекти на главниот багер и другите машини за ископ, како и на транспортниот систем. Во такви услови на хаос, како што нагласуваат, се вршат „козметички“ смени во менаџментот и се зголемуваат платите на директорите, раководителите и советниците кои достигнуваат над 2.000 евра. 

Од АД ЕСМ велат дека состојбата во РЕК Битола е таква, бидејќи проблемите со механизација се наследени од минатата власт и со кадровски промени се обидуваат да ги надминат. – Проблемите во комбинатот се целосно затекнати и наследени од кадрите од нивните редови, кои до пред неколку месеци управуваа со најголемиот производител на електрична енергија – нагласуваат од АД ЕСМ

 

Во зимските месеци кога температурите паѓаат, често се случува РЕК Битола да има проблеми, а блоковите да испаѓаат од мрежа, па АД ЕСМ потребите ги покрива со набавки на поскапа струја од увоз. За ваквата состојба, во РЕК Битола како најголем енергетски капацитет во државата, што произведува во просек од 45 до 50 проценти од струјата во земјата, сегашната власт ја обвинува претходната за долгови и лошо управување со енергетскиот сектор.

Честите испади на блоковите и случувањата околу раскинувањето на договорот со „Марковски компани“, компанија која е под истрага за сомнителни тендери во РЕК Битола и склучувањето на договор во четири очи, со охридската компанија „Топлина“, е под силни критики на опозицијата.

– Главниот багер за ископ на јаглен во Рудникот ПЈС Суводол, КУ 300, е надвор од функција поради дефект на моторот. Главниот транспортен систем не работи поради хаварија во која се исцепило парче трака во должина од 4 километри. Нема маст за машините, нема масло за камионите и булдожерите, нема резервни делови. Ископот на јаглен во РЕК Битола е на историски минимум. За одржување на минималното производство, потрошувачката на мазут е триплирана, за што се трошат баснословни суми. РЕК Битола е пред тотален колапс – констатираат од СДСМ.

Оттаму посочуваат дека разрешен е директорот на Рудници на РЕК Битола, Златко Шиниковски, и сменети се неколку директори во рудниците, а во незавидната состојба во која сега се наоѓа РЕК Битола, се зголемуваат платите на менаџерите.

– Наместо решенија за хаосот што сами го создадоа, раководствата на комбинатот и на АД ЕСМ, прават козметички промени во менаџерскиот тим. Разрешен е директорот на Рудници на РЕК Битола, Златко Шиниковски, после само пет месеци откако беше назначен на функцијата. Променети се и неколку раководители на сектори во Рудници, што само потврдува дека неспособни кадри го водат комбинатот од кој зависи цела држава. Овој некадарен тим, кој го раководи РЕК Битола, во меѓувреме си донел одлука за плаќање на прекувремената работа и за нив, а не како што беше досега само за работниците. Така, сега платите на директорите, раководителите и советниците ќе достигнуваат над 2.000 евра, додека РЕК е во хаос. Срамно е ова што му се случува на РЕК Битола – велат од СДСМ.

Од АД ЕСМ за весникот ВЕЧЕР нагласуваат дека сите производствени капацитети на комбинатот се насочени кон остварување и обезбедување на потребното количество електрична енергија и работат со капацитет соодветен на динамиката што ја налага производствениот процес.

– Багерот КАУ 300 е оперативен, во функција, и испорачува согласно со  воспоставена динамика. Во тек е зафат за замена на дел од транспортната лента на Главниот транспортен систем за јаглен, но тој процес не го загрозува производството на јаглен за потребите на термоелектраните. Станува збор за активности кои се спроведуваат на дневно ниво. Производството на јаглен од рудниците ПЈС Суводол и од Брод-Гнеотино тече нормално и во континуитет – велат од АД ЕСМ.

Во однос на кадровските промени во одредени работни единици, од АД ЕСМ нагласуваат дека тие се во насока на целосно искористување и оптимизација на човечкиот потенцијал, со цел дополнително зајакнување на перформансите на комбинатот и се сосема нормална работа во секоја компанија која работи на консолидација и подобрување на производните резултати.

– АД ЕСМ во оваа прилика апелира опозицијата да се воздржи од пласирање на непотребни коментари, особено за РЕК Битола, затоа што, како што веќе информиравме во повеќе јавни настапи, проблемите во комбинатот се целосно затекнати и наследени од кадрите од нивните редови, кои до пред неколку месеци управуваа со најголемиот производител на електрична енергија – нагласуваат од АД ЕСМ.  

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ