Дипломатскиот синдикат со осуда за огласите на МНР за упатување дипломати во странство: Политичка манипулација на министерот во заминување

227

Македонскиот дипломатски синдикат најостро реагира и го осудува чинот на распишување огласи за упатување во странство на повеќе од петнаесетмина дипломати во постизборен период, односно на само десетина дена пред стапувањето на должност на новиот министер за надворешни работи.

– Доколку се земе предвид дека постапката за упатување дипломати во странство трае од еден до три месеци, со цел подготовка на избраните дипломати за предметната мисија, станува целосно нејасно која е целта на еден ваков чекор во овој транзициски период. Синдикатот смета дека постапката не е политички коректна, но, пред сè, не е коректно кон колегите што евентуално би биле избрани на еден ваков оглас, со што би се довеле во незавидна положба.

Потсетуваме дека беше направен ваков обид за масовно упатување дипломати и во предизборниот период, кога само острата реакција на МДС придонесе огласот да биде суспендиран, со што се спречи флагрантно кршење на Изборниот закон.

Со оглед на фактот дека крајната одлука за најсоодветни кадровски решенија во дипломатско-конзуларните претставништва ја носи министерот за надворешни работи, МДС смета дека овој оглас е политичка манипулација на министерот во заминување, со цел да му се остават отворени проблеми на новото раководство. Со оглед на горенаведеното, МДС целосно ќе се изземе од учеството во процедурите за избор на овие спорни огласи – се вели во реакцијата.

Реакцијата доаѓа откако порталот МКД објави дека на 3 јуни, вработените во македонското Министерство за надворешни работи на интерната страница на Министерството виделе конкурси за испраќање нови дипломати во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во дури 15 земји. Министерот Бујар Османи го правел тоа како технички министер за надворешни работи и пред напуштање на кабинетот. Надлежното лице за тоа не го потпишало конкурсот, но Османи си нашол замена и за тоа. Така, откако на оваа одлука на министерот се спротивставил шефот на администрацијата во МНР, Филип Тосевски, кој не сакал да го потпише овој документ, конкурсите ги потпишал директорот за организациски работи, Мемет Жаку, дознава порталот МКД.