Македонски кошаркарски репрезентативец Ненад Димитријевиќ жали што нашата селекција не успеа да се пласира на Евробаскетот. Тој во интервју за хрватски „Спортклуб“ како причина за неуспехот ги спомена и повредите на неколку клучни кошаркари како Итан Хап и Џејкоб Вајли за време на квалификациските прозорци.

  • Целта ни беше да пласираме на ЕП, но за жал не успеавме. Немавме доволно среќа, некои работи не ни одеа. Да немав грчеви против Естонија, можеби сè ќе беше поинаку, бидејќи покажавме на гостувањето против Полска, каде што одигравме фантастично, дека можеме да се носиме со секого. После тоа нè зафатија повредите на странците Хап и Вајли, кои имаат македонски пасоши, па ни се придружи и Ти Џеј Шортс, кој е фантастичен играч, но мислам дека сепак повеќе ни недостасуваше центарската позиција. Дадовме сè од себе, но не успеавме да се пласираме на Евробаскет, исто како Хрватска, која ме изненади бидејќи има многу талентирани играчи. Повторно се покажа дека балканскиве земји се кошаркарска нација, но несреќа за нас и за Хрватска беше што во групата имавме домаќини, а таквиот состав на ФИВА не е фер, вели Димитријевиќ.

Потоа проговори и за големиот трансфер во евролигашот Армани Милано.

  • Имав одлична деби сезона во дресот на Уникс Казан, каде што клубот првпат во историјата ја освои титулата. Луѓето од клубот целосно ме прифатија и никогаш нема да ги заборавам тие моменти, бидејќи тоа за мене беше прва титула во сениорска конкуренција. Останав уште една сезона, а потоа пристигна понуда од Милано, каде што пресуди тоа првпат да добијам можност да заиграм во Евролигата. Не ми беше лесно да замина, но цел живот чекав таква понуда и шанса да играм во Евролигата, додаде Димитријевиќ.

Македонскиот плејмејкер моментно се бори за поголема минутажа во тимот.

  • Кога донесоа нов плејмејкер во клубот (Николо Манион) мојата минутажа се намали, но со текот на времето научив да бидам трпелив. Во Евролигата мора да бидете подготвени во секое време да помогнете и се надевам дека ќе ја постигнеме нашата цел да се пласираме во ТОП 8. Сепак, оваа сезона во Евролигата е навистина најнеизвесна досега кога е во прашање борбата за плеј-офот. Со две победи можете да скокнете пет позиции нагоре, а со два порази да бидете на прагот на елиминација од плеј-офот. Според мене, Олимпијакос игра најдобра кошарка затоа што повеќето играчи се заедно долги години и го имаат тој систем со тренерот Барцокас во кој сите играчи ја имаат топката. Заедно со нив, секако е и Панатинаикос каде што играчите имаат целосна слобода во играта. Тука е и Фенербахче со тренерот Јасикевичиус, кој, според мене, е тактички мајстор, заврши нашиот кошаркар.

ИЗДВОЕНИ