Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ имаше одличен старт во дресот на Олимпија Милано, откако беше најзаслужен за првиот трофеј сезонава на тимот. Италијанскиот гигант го доби Суперкупот на Италија откако во финалето беше подобар од Виртус Болоња со 98:96 по продолжение.

Нашиот репрезентативен плејмејкер беше најзаслужен за успехот на „манекените“ со оглед што финалната пресметка од ова натпреварување ја заврши со 16 поени, пет скока и шест асистенции и сосема заслужено ја доби МВП наградата.

За неговите партии во финалето и полуфиналето, говореше и тренерот на екипата од Милано, Еторе Месина, кој искажа само пофални зборови за нашиот репрезентативец.

  • Нено дојде кај нас по две години во Русија каде одличен тренер како Перасовиќ му внесе огромна самодоверба. Мислам дека тоа искуство му помогна да созрее како играч. Тој веќе не е дете, туку маж, Нено е татко… Во овие два дена покажа извонредни работи околу тоа како е способен да ја контролира играта. Лично, мислам дека ќе биде уште подобар како што ќе минува времето, кога ќе увиди кон кого ќе треба да ја насочи играта во одредени ситуации, а кон кого во некои други периоди од натпреварите, истакна Месина.