Претседателот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска во просториите на партијата, оствари средба со евроамбасадорот Михалис Рокас, а на која присуствуваше и потпреседателот на Движењето, Павле Арсоски.
На средбата станало збор за актуелните политички состојби во државата и процесот на нејзината евроинтеграција.
-Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски во разговорот со амбасадорот Рокас, ги актуелизираше веќе познатите ставови на ЗНАМ во врска со уставните измени, односно нивната одложена примена, а со цел оневозможување на понатамошни блокади на патот на Македонија кон ЕУ. Димитриевски при тоа рече дека градењето на добрите односи со сите соседи е од клучна важност за нашата држава. Тој потенцираше дека во иднина не смееме да се доведеме во ситуација билатералните проблеми да се решаваат во рамките на европските процеси и да не кочат на нашиот европски пат. Амбасадорот Рокас многу позитивно ја оцени работата на Владата. Тој, исто така, позитивно ги оцени и реформите што се спроведуваат во јавната администрација и правосудството, како ресори со кои раководат кадри на Движењето ЗНАМ, се вели во партиското соопштение.
Евроамбасадорот потенцирал дека напорите на Владата во борбата против корупцијата и криминалот се од особено значење и за поздравување. Тој рекол дека активностите што се преземаат на тоа поле покажуваат дека земјата е на вистинскиот пат и има намера да ги имплементира европските вредности.
Според соопштението, на средбата се разговарало и за Коридорите 8 и 10, кои се од особена важност за развојот на економијата на земјата и капиталните инвестиции. Димитриевски потенцирал дека од македонска страна се очекува овие инвестиции да бидат и финансиски поддржани од партнерите во ЕУ и НАТО, бидејќи се од стратешка важност за сите.