Општина Охрид преку Програмата за култура во делот на издавачка дејност веќе неколку години го спроведува проектот Охридско книжевно наследство. Приредувачи на проектот се проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, а главен и одговорен уредник е Митре Велјаноски.
Книгите сега се објавени и во дигитална форма на интернет страницата на општината (хттпс://охрид.гов.мк) со што оваа едиција станува подостапна за научната јавност, како и за помладата генерација која работи или ќе работи на истражувања поврзани со познатите охридски имиња.
Едицијата „Охридско книжевно наследство“ започна во 2018-тата година и опфаќа 11 книги: „Дојди во Охрид“(Антологија на песни за Охрид) 2018, „Антологија на ловорот“ 2020, „Книга за Чинго“ 2021, Охридски раскажувачи 2022 година, Книга за светите браќа Кирил и Методиј 2022, Книга за светите бража Климент и Наум Охридски 2022, „Охридскиот ЏИЏ век“ 2023, „Охридски поети“ 2023, Охридските писатели за деца и младинци 2024, „Охридските драмски писатели“ 2024, „Охридските писатели во книжевната критика“ 2025, наведуваат од Општина Охрид.
Во текот на 2025 година ќе бидат издадени книги Охридски фолклористи, Охридска историографија и Охридска книжевна школа. Целта на проектот е да се соберат на едно место сите охридски духовници, преродбеници, револуционери и други општествени дејци кои оставиле свој траг во целокупната охридска меморија.
– Наша должност е да го чуваме македонскиот јазик, македонските великани и да го зачуваме споменот на сите кои пред нас го трасирале патот на македонската култура и општество. Преку дигиталната верзија на оваа едиција Општина Охрид како издавач овозможува истата да стане подостапна за целокупната јавност, читајќи, прелистувајќи , превземајќи содржини за сите читатели, нагласуваат од охридската локална самоуправа.