Екипата на Атлетико Мадрид го совлада Ваљадолид со 4:2, по пресвртот што беше обележан од брилијантниот гол на Џулијано Симеоне. Синот на тренерот на „јорганџиите“, Диего Симеоне, се проби во првиот тим, но она што го покажува на теренот ги убедува сите дека не е ништо случајно. За ова по натпреварот зборуваше и Диего Симеоне, кој рече дека е навистина изненаден од играта на својот син, Џулијано.
- Не очекував дека ќе игра вака оваа сезона, иако очекував да ни помогне. Има добра сезона и се надевам дека ќе може да го задржи ова ниво. Никој ништо не му дал и никој ништо нема да му даде. Тој го знае тоа, бидејќи ме знае подобро од кого било – изјави Симеоне и уште еднаш ги отфрли обвинувањата за непотизам.
Џулијано Симеоне е во Атлетико од својата 17. година и игра на позицијата крилен напаѓач. Изминативе две сезони ги помина како позајмен, прво во второлигашот Сарагоса, а потоа и во прволигашот Алавес. На почетокот од оваа сезона, тој се врати во својот матичен клуб и постигна пет гола и имаше седум асистенции на 40 настапи.