Ова музичко доживување кое претствува музичко патување низ епохите, ќе започне со концертот за пијано и оркестар во Д-мол од Ј.С. Бах, а ќе заврши со современа музика, вклучително и авторски дела на Емин и на Тристано, која ќе биде надополнета со користење на електроника и звучен дизајн. Концертот во Луксембург е уште еден во низата на Емин на европската сцена, по успешниот настап во Португалија, каде што имаше авторски концерт на затворањето на престижниот Џез-фестивал во Гимараеш |
Несекојдневното патување низ музичките епохи со Филхармонијата на Луксембург и светски познатиот пијанист Франческо Тристано, а под диригентско водство на македонскиот музичар и диригент Џијан Емин, ќе се одржи на 25 јануари во 19:30 часот. Ова музичко доживување во Луксембург ќе започне со концертот за пијано и оркестар во Д-мол од Ј.С. Бах, а ќе заврши со современа музика, која ќе биде надополнета со користење на електроника и звучен дизајн. Во рамките на музичкиот настан ќе бидат изведени и авторски дела на Емин и на Тристано.
Концертот во Луксембург е уште еден во низата на Емин на европската сцена, по успешниот настап во Португалија, каде што имаше авторски концерт на затворањето на престижниот Џез-фестивал во Гимараеш на 16 ноември, заедно со Симфонискиот оркестар на Гимараеш. На фестивалот во Гимараеш настапија светски имиња од џез-сцената како Марија Шнајдер, Лео Вадада Смит, Крејт Таборн, Џеф Балард и др.
„Секогаш сум пријатно возбуден кога правам ваков тип концерти, а ова е и мој прв настап со Филхармонијата на Луксембург. Со Франческо Тристано, со кого соработуваме повеќе од десет години на разни проекти, сме настапувале заедно, и тоа со Македонската филхармонија, со Дерик Меј, со Џеф Милс… Инаку, целиот концерт е замислен како патување низ епохите и почнува со Бах, концерт за пијано и гудачки оркестар и потоа ќе се свири еден циклус композиции на Франческо Тристано, а кон крајот ќе се свират и неколку мои композиции: ’The King of Sopishte’, ‘Izlet’ и ‘Falcer’. Се радувам на фактот што ќе свириме авторска музика, што е голем плус во денешно време, и што директорите на куќата имаа слух да го прифатат овој концепт, кој го предложивме заедно со Франческо Тристано. Инаку, идејата за овој концерт потекнува од Тристано, кој е роден во Луксембург, каде што предава пијано на Музичката академија, а живее во Барселона“, вели за весникот ВЕЧЕР Џијан Емин, кој е сестран музичар со големо музичко искуство.
„Од водач на хорнистите во Македонската филхармонија до вешто свирење импровизирана музика или џез (на еден од многуте инструменти што ги владее), од диригирање со меѓународни оркестри до компонирање и аранжирање партитури за филм и за театар, од свирење на гитара или клавијатури со рок-групи до продуцирање албуми и како уметнички директор на фестивали, Џијан блеска докрај, секогаш додавајќи скапоцен изворен глас и неспоредлива музикалност“, стои во најавата на концертот од Луксембуршката филхармонија.
Инаку, Луксембуршката филхармонија е основана во 1933, како дел од радиодифузните активности на Радио Луксембург (РТЛ) и е јавно управувана од 1996 година. Од 2010, виолончелото „Le Luxembourgeois“, направено од Матео Гофрилер, му е на располагање на Оркестарот, благодарение на дарежливата поддршка од BGL BNP Paribas. Од сезоната 2022/2023, една виолина од Џузепе Гуарнери Филиус Андреае и една од Џенаро Гаљано се во оркестарот, великодушно позајмени од Фондацијата „Розмари и Хартмут Швиеринг“.
Големиот скок на Франческо Тристано пак, се случи во 2011 година. Со „Дојче грамофон“ сними три програми инспирирани од искачувањето како концертен пијанист со меѓународно признание. Во 2017 тојо ја започна својата соработка со „Sony Classical“, фокусирајќи ги своите напори на издавање на сопственото дело во нова фаза како изведувач на снимањето. Во својот најнов албум, „Tokyo Stories“ (2019), тој ѝ оддава почит на Јапонија и ги доловува атмосферите и искуствата акумулирани низ годините кога ја посетува земјата како уметник и се потопува во нејзината култура.