Шумските пожари кои беснеат во Калифорнија го пеплосоа домот на тренерот на Лос Анџелес Лејкерс, Џеј-Џеј Редик. Неговиот дом е еден од над 5.300 објекти уништени во пожарот, кој сè уште не е локализиран, јавуваат американските медиуми.
Поради вонредната ситуација во овој дел на САД, натпреварот Лејкерс-Шарлот не се ни одигра.
Според ЕСПН, Редик ја изнајмувал куќата што изгоре, лоцирана во Пацифик Палисадес, едно од предградијата на Лос Анџелес кои најмногу беа погодени од разорниот пожар.
Редик пред мечот со Далас изјави дека неговиот дом е во опасност, бидејќи пожарот веќе се проширил на поголемиот дел од околината, а не поминало многу од тој момент до моментот кога добил вест дека куќата е уништена. За среќа, сите членови на неговото семејство биле навреме евакуирани од критичното подрачје.