Џабе ќе бидат поостри казни, одземање на возилата, дозволите, поприсутна полиција… ако законот не важи за сите

В ПЕТОК ЌЕ СЕ РАСПРАВА ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА ВО СООБРАЌАЈОТ

218

Граѓаните, сообраќајните експерти, партиите… бараат зголемување на казните за прекршителите и тие да не важат само за обичниот народ туку и за привилегираните. Во јавноста има впечаток дека полицијата е пасивна и неприсутна на сообраќајниците, а што е срам за земја што е трета по ред по бројот на полицајци по глава на жител

Казните за сообраќајни прекршоци да се зголемат и да има различни видови, но уште поважно е да се применуваат врз сите сторители. Вакво е мислењето на граѓаните, сообраќајните експерти, партиите во пресрет на утрешната јавна расправа на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“, која ќе се одржи во македонското Собрание. Расправата ја иницираа пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, со цел да се зголеми безбедноста на граѓаните. До ова доаѓа по ужасната сообраќајна несреќа минатата среда, кога загина Фросина Кулакова, 22-годишна модна дизајнерка од Неготино. Бројните сообраќајни незгоди и тоа што има до 200 загинати лица секоја година, стотици повредени и илјадници сообраќајни прекршоци, кои никако не се намалуваат, покажуваат дека намалувањето на казните пред три години ништо не помогнало. Тогаш, коалицијата СДСМ – ДУИ изгласа намалени казни, со што максималната казна изнесуваше до 250 евра. Сега, во јавноста сè повеќе се бара нивно зголемување, но и доследна примена и зголемено полициско присуство.

– Зголемувањето и заострувањето не би имале ефект кога и веќе постојните казни не се спроведуваат праведно, односно важат за обичниот народ, а не за привилегираните. Никој да не биде изземен од казна – од сиромашен стечаец, па до син на премиер. Со тоа, за да бидат и ефективни и праведни, сумите да се правопропорционални на примањата на прекршителот. Неколку стотина евра за некого се богатство, но за некого со огромни примања се смешна пара, правејќи ја казната безначајна. Конкретно за возење под дејство на алкохол – одземање на возачката. За возење без возачка – затворска казна – предлага граѓанинот Марко Гапо од Скопје.

Тој смета дека полицијата дефинитивно треба да е присутна секаде, особено на широките булевари како „Партизанска“.

– Како држава што е трета по ред по бројот на полицајци по глава на жител, срамота е колку е пасивна и неприсутна полицијата во стопирањето на брзите возачи по булеварите – вели овој граѓанин за ВЕЧЕР.

Слично размислува и скопјанецот Ненад Пешиќ, кој бара зголемување на казните.

– Потребно е нивно зголемување, но не смее да има селективност при казнувањето. Полицијата треба да биде поприсутна, и тоа не само кога е сообраќајот во прашање. При изрекувањето на казните, треба да се земе модел за процентуално казнување зависно од приходите на прекршителот, од месечен приход, на пример, 4 проценти. На пример, ако некој зема плата од 10.000 денари, казната за зборување по мобилен телефон да е 400 денари, а ако има примања 100.000 денари – тогаш 4.000 денари. Тогаш, ситуираниве нема да аздисуваат со казни од по 50 евра – предлага овој граѓанин.

За сообраќаен експерт Агрон Сулејман, од граѓанската организација „Автомобилност“, не треба да има дилеми околу заострувањето на казнената политика.

– Дури би предложил да се оди на драстична казна како што е привремено одземање на возилото со кое се вршат (и повторуваат) опасни дејства во сообраќајот. Но, се плашам дека само построгите казни нема да ги подобрат состојбите, туку повеќе ќе изгледаат како ад-хок решенија со ограничен ефект. Треба да се направи разлика во тежината на прекршоците. Секако, во прв ред би ги ставил пребрзото возење, возењето под дејство на алкохол, како и непрописното престигнување – смета овој експерт.

Деновиве, и други сообраќајни експерти предлагаа нови видови санкции со кои, на пример, пречекорувањето на брзината, возењето под дејство на алкохол и немањето возачка да се казнуваат со затвор. Се бара и одземање на автомобилите поради пребрзо возење, укинување на границата од 0,5 промили алкохол во крвта на возачот, удвојување на прекршочната санкција за секое повторување сообраќаен прекршок во одреден временски период… И политичките партии се подготвуваат со предлози за утрешната јавна расправа.

– Поддржувам зголемување на казните, но поважно од тоа е да важат казните за сите. Да нема исклучоци со кои нечиј син или нечиј партиски активист нема да ја плати санкцијата. Но, тоа бара промена на нашиот менталитет во општеството. Потребно е, исто така, и подобро одбележување на сообраќајниците, на знаковите, на избледените пешачки премини – ни рече Моника Зајкова, лидер на ЛДП.

Претседател на СДСМ, Венко Филипче, завчера соопшти дека нивните предлози се присуство на полицајци што би се грижеле за безбедноста на влезот во училиштето и на пешачките премини, како и сериозно заострување на казните за тешките прекршоци во сообраќајот, кои дури ќе вклучуваат и одземање на возилото по примерот на некои европски земји. (Б.Ѓ.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ