„Девојчето и куклата што патува“ на Александар Русјаков – сликовница-омаж за Кафка

34

Познатата анегдота поврзана со славниот писател Франц Кафка и девојчето кое тагува по изгубената кукла е инспирација за новата уникатна сликовница „Девојчето и куклата што патува“ од Александар Русјаков. Книгата, која е во издание на „Арс ламина – публикации“, беше деновиве промовирана во рамките на „Денови на литературата“.

Сликовницата е објавена по повод 100 години од смртта на Франц Кафка. Станува збор за сликовница – омаж на најпознатата анегдота поврзана со Кафка. И покрај тоа што никогаш не е потврдена вистинитоста на случката, и покрај тоа што постојат различни толкувања на околностите во кои се случила, со постојаното навраќање кон неа, таа стана неизбежен дел од биографијата на Кафка.

Русјаков, кој е попознат како автор за возрасни, изрази задоволство што имал можност да пишува за деца:

– Досега немам ништо напишано за деца, а тоа беше нешто што отсекогаш ми недостигаше. Се држам до наративот што се претпоставува дека го измислил Кафка. Во оваа анегдота, Кафка е малку едноставен за доживување, многу точен и прекрасен, но носи и мистична атмосфера, која ја има во неговите дела. Беше предизвик да го оттргнам Кафка од неговите мрачни светови и да го внесам во еден сосема поинаков свет, иако и таму постои темнина – луѓето меѓусебно не комуницираат – рече тој.

„Девојчето и куклата што патува“ внимателно и метафорично зборува за минливоста на животот, за прифаќањето на загубата, за созревањето… а пред сѐ за љубовта.

– Поентата на сликовницата е дека љубовта не исчезнува, таа секогаш се враќа во нова форма. Со оваа мисла Кафка ја дава суштината на приказната, но и на животот. Сè што нè опкружува е создадено од љубов и љубовта не се менува, ниту во смрт. Ако љубовта исчезне, тогаш знајте дека тоа не е љубов – додаде Русјаков.

На промоцијата во улога на девојчето од книгата беше и младата Ива Мановска, која прочита делови од сликовницата.

ИЗДВОЕНИ