Каматната стапка на благајничките записи се намалува за 0,2 п.п., на нивото од 5,35%. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети. Непроменета е и понудата на благајничките записи на редовната аукција и изнесува 10 милијарди денари, одлучи Народната банка.

– И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото – велат од Народната банка.

Оттаму оценуваат дека инфлацијата се движи во рамките на очекувањата и за декември 2024 година изнесува 4,4%.

– Годишната динамика на цените на храната и на базичната инфлација и натаму е стабилна, додека падот кај цените на енергијата умерено забавува. Притоа, остварената просечна стапка на инфлација во 2024 година изнесува 3,5% и е на исто ниво со проектираната стапка, според октомврискиот циклус проекции. Во јануарските анкети на ЕК за очекувањата на потрошувачите преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на очекувањата за берзанските цени на примарните производи, според најновите прогнози за 2025 година, направена е нагорна ревизија кај цената на нафтата, а надолна кај основните прехранбени производи. Иако инфлациските движења се во согласност со очекувањата, ризиците постојат и потребно е внимателно следење – потенцираат од Народната банка.

Девизните резерви на крајот на декември достигна 5,019 милијарди евра. Ова е соодветно ниво за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Растот главно произлегува од откупот на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка.

Трговскиот дефицит во периодот октомври‒ноември 2024 година засега е понизок во споредба со очекувањата за четвртиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со крајот на декември се во согласност со проектираните нето-приливи од приватните трансфери.

Економскиот раст и во последниот кцартал од 2024 година и натаму е во нагорна линија.

– Градежништвото и прометот во угостителството бележат забрзан реален раст, а движењата во индустријата во четвртиот квартал се слични, што е во прилог на очекувањата за мало забрзување на економскиот раст во последниот квартал на 2024 година, за разлика од трговијата каде што реалниот раст е поумерен. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот и динамиката на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти – потенцираат од Народната банка.

Во монетарниот сектор, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст заклучно со декември и движењата се значително подобри од очекувањата за последниот квартал од годината, укажувајќи на поголема кредитна поддршка на економијата од очекувањата.

– Водењето внимателни макроекономски политики ќе биде приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок – нагласуваат од Народната банка.

ИЗДВОЕНИ